Сегашните препораки за возрасните мажи и жени се најмалку 1000 -1200 мг. калциум дневно, за да ја подобрат густината на коските, како превенција од фрактури, па затоа многу луѓе користат суплементи за да ги достигнат овие препораки. Неодамнешната загриженост во врска со тоа колку се безбедни суплементите со калциум, доведоа до тоа стручните лица да препорачуваат зголемен внес на калциум преку исхраната, наместо преку суплементи, но ефектот врз здравјето на коските е непознат.
Тим од истражувачи од Нов Зеланд направиле истражување, каде во две одделни студии ги анализирале доказите од расположивите индивидуални податоци од контролираните и набљудувачките студии во врска со дополнителен внес на калциум преку исхраната и преку суплементи, кај мажи и жени на возраст над 50 години.
Првата студија покажала дека зголемениот внес на калциум преку исхраната или преку суплементи довел до мало покачување на густината на коските (1-2%) што „малку е веројатно дека ќе доведе до клинички значајно намалување на ризикот од фрактури“.
Другата студија покажала дека зголемениот внес на калциум преку прехранбени продукти не може да се поврзе со ризикот од фрактури и дека не постојат клинички докази дека зголемениот внес на калциум преку прехранбени продукти спречува фрактури.
Време е да се преиспитаат препораките за зголемен внес на калциум надвор од нормално избалансирана исхрана, тврди професорот Карл Мичелсон од Универзитетот Упсала во Шведска, во прилогот кон истражувањето.
Тој истакнува дека постојаното зголемување на внесот на калциум и витамин Д, како што стои во некои препораки, буквално ја изложува на ризик цела популација над 50-годишна возраст. Поголемиот број од нив нема да имаат никаква корист од зголемениот внес, а ќе бидат изложени на повисок ризик од несаканите ефекти, предупредува тој.