Се проценува дека кај десет проценти од бременостите се јавуваат сериозни компликации кои можат да доведат до предвремено породување и други состојби, како што е прееклампсијата– каде што кај мајката се јавува висок крвен притисок и задршка на течности, што може сериозно да го загрози растот на бебето.
Многу од компликациите што се јавуваат во текот на бременоста се последица на дисфункцијата на плацентата, при што од различни причини плацентата не успева да ги достави потребните хранливи материи или да ја одржи потребната средина за фетусот.
Заради тоа што се работи за екстремно деликатна средина, досега многу малку можеше да се направи во однос на третирање на плацентата.
Сега, интернационален тим на научници успеале да најдат начин како да достават лекови во плацентата кои активно може да ја подобрат нејзината работа.
Начинот на кој успеале да ја третираат плацентата е ист како и третирањето на туморите.
„Плацетата се однесува како добро контролирани тумори. Тие растат брзо, продуцираат хормони за раст и го избегнуваат имунолошкиот систем. Многу од истражувањата поврзани со ракот се фокусирани на тоа да најдат начин да го таргетираат туморот, без да влијаат на другите делови од телото. Дојдовме на идеја дека ако би успеале на истиот начин селективно да ја таргетираме плацентата, би можеле и да доставиме лекови кои ќе ја подобрат работата на плацентата, а со тоа и да ги третираме и компликациите од бременоста“- вели Линда Харис, од Универзитетот во Манчестер, Велика Британија.
Харис и нејзиниот тим ја таргетирале плацентата со два вида пептиди, наречени „CGKRK“ и „iRGD“, со коишто се таргетираат тумори и кои можат да се обликуваат во минијатурни капсули за пренесување на лекови.
Во експериментите направени на бремени глувци, истражувавачите забележиле дека пептидите успеале да го таргетираат ткивото на плацентата и да го достават хормонот за раст кој ја подобрува работата на органот.
Хормонот за раст не влијаел на нормалната големина на фетусот од глувците, додека фетусите кои биле премногу мали како последица од неправилната функција на плацентата покажале знаци на раст како одговор на хормоните.
Кога пептидите биле тестирани на ткиво од човечка плацента, се покажало дека тие се врзуваат за клетките и пенетрираат низ нивните мембрани, што укажува дека истите резултати би требало да се повторат и во идните испитувањата на луѓе.
Истражувачите известуваат дека траги од лекот биле најдени и во самиот фетус и во органите на мајката, откако почнале да делуваат.
Една од најголемите забелешки е дека овој третман може да биде ризичен за мајки кои имаат недијагностициран тумор, бидејќи пептидите не би „знаеле“ што треба да таргетираат – дали туморот или плацентата. Но, научниците велат дека ова би можело успешно да се надмине со темелни анализи.
Наодите од истражувањето се објавени во „Science Advances.“