За прв пат во историјата научниците детектирале сложена органска молекула позната како хирална молекула во меѓуѕвездениот простор. Ова откритие во голема мера ќе го подобри нашето познавање за начинот на кој настанал животот на Земјата, па дури можеби и за неговата еволуција на друго место во галаксијата.
Молекулата за која се работи – пропилен оксид, била откриена во огромен облак од прав наречен Стрелец Б2, кој се наоѓа на оддалеченост од околу 390 светлосни години од центарот на Млечниот Пат. Стрелец Б2 има маса отприлика 3 милиони пати поголема од Сонцето, а сега знаеме дека овој огромен конгломерат во средината содржи хирални молекули, кои досега не биле откриени надвор од Сончевиот систем.
„Ова е првата молекула откриена во меѓуѕвездениот простор која има својство на хиларност, што претставува огромен чекор напред кон разбирањето на тоа како пребиотските молекули се формирале во Универзумот и каков е нивниот можен ефект врз потеклото на животот“- вели Брет МекГваер од Националната радио астрономска опсерваторија во Вирџинија.
Хиларноста претставува геометриско својство на молекулите, каде што асиметрични молекули покажуваат речиси идентичен хемиски состав, но со изменета конфигурација (многу слично како сликата во огледало), при што се нарекуваат лева или десна верзија.
Тоа е клучното хемиско својство на животот на Земјата, каде што секоја молекула која помага да се формираат живи нешта – како што се аминокиселините, протеините, ензимите и шеќерите, се појавува само во својата лева или десна верзија. Ова се нарекува хомохиларност и додека има биолошки придобивки (бидејќи молекулите подобро можат да се спојат и да формираат поголеми органски структури), никој не знае како оваа хиралност всушност настанала.
Откритието дека хиларноста постои и надвор од Сончевиот систем е многу значајно бидејќи може да помогне подобро да се разбере зошто при создавање на живот есенцијално молекулите заземаат една ориентација во однос на друга.
„Пропилен оксидот спаѓа меѓу најкомплексните молекули откриени досега во вселената. Откритието на овие молекули отвора можност за понатамошни експерименти за да се одреди како и каде се појавуваат различните верзии на молекулите и зошто едната форма станува позастапена од другата“- вели Брендон Карол, еден од истражувачите од Институтот за технологија во Пасадена.
Истражувачите ги детектирале молекуларните траги на пропилен оксидот со помош на телескопот „Green Bank“ во Западна Вирџинија, со поддршка на опсервациите добиени од радио телескопот „CSIRO’s Parkes“ во Австралија.
Научниците сметаат дека комлексните молекули како оваа би можеле да се формираат во гасните облаци од тенките обвивки од мраз кои се развиваат на исклучително мали зрнца од прашина што лебдат во вселената. Ледените обвивки би им овозможиле на молекулите да формираат поголеми молекуларни структури. Овие молекули потоа можат да испаруваат од површината на зрнцата и понатау да влегуват во реакции во рамките на гасниот облак.
Фактот дека хиралните молекули прават вакво нешто во длабоката вселена може да помогне да се објасни како тие подоцна го нашле својот пат до астероидите и кометите и се расеале на површините на планетите при судир со нив.
„Метеорите во Сончевиот систем содржат хирални молекули кои се постари од самата Земја, а хирални молекули неодамна се откриени во кометите. Ваквите мали тела можеби го придвижиле животот каков што сега го гледаме“- вели Карол.
„Со откривање на хирални молекули во вселената, конечно имаме начин да проучуваме како и каде се формирале овие молекули, пред да го најдат својот пат до метеорите и кометите и да откриеме каква улога одиграле во потеклото на хомохиларноста и животот“- вели МекГваер.
Овие наоди се објавени во списанието „Science“.