Медицинскиот факултет при Универзитетот Џонс Хопкинс доби одобрение за трансплантација на ХИВ-позитивни органи во ХИВ-позитивни пациенти и најави дека докторите се подготвени да започнат со трансплантацијата веднаш штом се утврдат дарителите и примачите на органите.
Тоа значи дека за прв пат во САД ќе се трансплантираат ХИВ-позитивни органи (бубрези и црн дроб), што би можело да спаси повеќе од 1.000 животи секоја година, со оглед на тоа дека речиси 600 ХИВ-позитивни лица во минатото сакале да ги донираат своите органи, но не можеле поради законската регулатива.
Законот кој им овозможува на ХИВ-позитивните лица да донираат органи е донесен уште во 2013 година и сега после повеќе од две години на документација, Џонс Хопкинс ќе стане првата болница во САД која ќе трансплантира бубрези меѓу ХИВ-позитивни пациенти и првата болница во светот која ќе трансплантира ХИВ-позитивен црн дроб.
Ова претставува нова шанса за живот на лицата кои живеат со ХИВ и краен стадиум на болеста на бубрезите или црниот дроб.
Трансплантациите на ХИВ-позитивни органи за прв пат беа забранети во 1988 година поради краткиот животен век кој во тоа време се поврзувал со вирусот. Но, со воведувањето на антиретровирусната терапија, сега пациентите заболени од ХИВ живеат подолго и со соодветните лекови може да живеат исто како и оние кои не се заболени. Токму затоа оваа можност за трансплантација е од особено значење.
Во Јужна Африка веќе успешно се изведуваат вакви трансплантации, што докажува дека со оваа техника може да се спасат многу животи.
Најголемиот ризик за пациентите е суперинфекцијата, односно можноста да добијат орган од дарител кој имал поагресивна форма на вирусот, па да се зарази со истата. Но, докторите ќе се обидат да го избегнат тоа со тоа што внимателно ќе ги одбираат органите и пациентите, како и лековите кои тие ги користеле за да се справат со вирусот.