За прв пат во последните 100 години, бројот на тигри во светот се зголемил, што дава надеж дека напорите за нивна заштита после многу децении имаат ефект.
Според податоците од Светскиот фонд за див свет, во моментов има најмалку 3.890 тигри, што претставува значително зголемување во однос на 2010 година кога беше проценето дека популацијата на тигри на глобално ниво брои околу 3.200.
Ова зголемување според Светскиот фонд се должи на поголем број фактори, меѓу кои зголемената заштита на животните и подобрите техники за надгледување. Вкупниот пораст првенствено се должи на поголемата популација на тигри во Индија, Русија, Непал и Бутан.
Графиката ја покажува популацијата на тигри на глобално ниво.
Членките на Глобалниот форум за тигри (ГФТ), кој покрај Индија, Русија, Непал и Бутан, Малезија, Бангладеш, го сочинуваат и Кина, Мјанмар, Лаос и Виетнам, во 2010 година започнаа заедничка иницијатива наречена „Тигар иницијатива Тх2“, со цел да се удвои бројот на тигри до 2022 година.
Иако ваквиот пораст на популацијата значи дека работите се одвиваат во вистински правец, инволвираните велат дека воопшто нема да биде лесно да се удвои овој број во толку краток период.
Еден од непосредните предизвици е да се внимава да се одржи бројот на тигрите во сите земји од ГФТ, и да се проценат опасностите од ловокрадство и уништување на природните живеалишта. Иако земјите членки се обврзани да спроведат систематска проверка на бројот на тигри на национално ниво, сите земји не ги завршиле своите обврски, што ја отежнува работата на ГФТ и Светскиот фонд за жив свет да направт точна проценка на глобално ниво.
Во меѓувреме, заканите по безбедноста на тигрите се многу реални. Според Светскиот фонд за диви животни помеѓу 2000 и 2014 година, властите успеале да спасат најмалку 1.590 тигри од нелегална трговија. Очигледно е дека ако секоја од земјите следи колку точно тигри живеат на нејзина територија, ќе биде многу полесно да се спречи ловокрадството.
Ќе треба многу време за бројот на тигри да достигне околу 100.000 животни колку што имало во 1900 година, но барем се знае дека бројот на овие извонредни животни може да се зголеми доколку се работи со здружени сили.