Зошто децата учат странски јазици полесно и побрзо од возрасните?

Децата обично учат странски јазици полесно, побрзо и подобро од возрасните. Една популарна лингвистичка теорија вели дека постои критичен период за учење на јазик и дека децата кои нема да научат да зборуваат одреден јазик до пубертетот, никогаш нема да успеат целосно да го владеат јазикот. Постојат неколку случаи на „деца од дивината“, кои немале допир со јазикот се додека не пораснале, што ја потврдуваат оваа теорија, но сепак, кога се работи за учењето на втор јазик, работите се нејасни.

Сега, едно ново истражување од Универзитетот во Есекс, Англија и Универзитетот во Гронинген, Холандија вели дека ова нема никаква врска со „критичниот временски период за учење на јазици“ кој завршува со пубертетот, туку со слободното време и недостатокот на обврски и одговорности во детството.

Во истражувањето учествувале доброволци кои слушале германски фрази, а притоа им бил скениран мозокот. Од вкупно 101, 15 учесници биле Полци, а 51 Руси кои се преселиле во Германија кога биле на возраст помеѓу 7 и 36 години. Иако некои од нив учеле германски на училиште, за повеќето од нив, учењето на германскиот јазик започнало по емиграцијата. Останатите 29 доброволи биле Германци.

Во германските реченици кои ги слушале, имало грешки во членот на именките (познато е дека во германскиот јазик членот мора да одговара со родот на именката за реченицата да биде граматички точна). Снимките на мозокот откривале како учесниците реагирале на тие грешки на невролошко ниво.

Мозокот на Германците имал многу силен невролошки одговор на грешките, додека кај сите останати одговорот бил многу послаб или никаков. Но, немало никаква остра разлика помеѓу возраста на учесниците кога почнале да го учат јазикот и способноста да ја толкуваат грешката. Ова укажува на тоа дека не постои критичен период за учење на јазик. Истражувачите сметаат дека тоа се должи на фактот што децата вложуваат повеќе време и напор за да го научат јазикот, во споредба со возрасните кои имаат многу обврски па нивното внимание е речиси постојано поделено.

Покрај тоа, мотивацијата на децата да се вклопат во околината е многу поголема, и навиките за изговор и граматиката од мајчиниот јазик не се толку вкоренети како кај возрасните, па поради тоа вториот јазик им е полесен за совладување.

Истражувањето е објавено во „PLOS ONE“.

Поддржете ја нашата работа: