Зошто емотивните настани се паметат подобро?

Кога доживуваме емоционални моменти во нашите животи, како што се свадба, раскинување, раѓање на дете, или дури и големи историски настани, ние се стремиме што подобро да ги запаметиме. Но, зошто овие настани ги паметиме подобро, на сметка на помалку значајните кои ни се лизгаат од сеќавањето?

Сумирано, претходните истражувања покажаа дека колку е поголемо емоционалното влијание на сеќавањето, позитивно или негативно, толку повеќе сликовито ќе се потсетиме на деталите и поголема е веројатноста дека ќе се зачуваат во долгорочната меморија.

„Само малку емоционална возбуда ќе влијае на тоа дали ќе се сетите на нешто само неколку минути подоцна“, изјави д-р Џејмс Мекгаух од Американската психолошка асоцијација.

Но, новостите доаѓаат од новото истражување на Универзитетот Њујорк, објавено во „Nature“.  Во него се вели дека емоционалната значајност може да игра важна улога во зајакнувањето на постарите спомени. Во ова сценарио, дури и ако настанот е незначителен додека го доживуваме, доколку подоцна му додадаме емоционална нишка, би се подобрило нашето сеќавање на истиот.

Ние постојано ја набљудуваме нашата животна средина и во тој процес акумулираме безброј детали. Забораваме поголем  дел од нив, но овие нови наоди сугерираат дека со додавање на значајност и емоции, можеме да се сетиме на настани кои претходно ни делувале безначајни.

За тестирање на хипотезата дека со емоции може да се ажурираат стари спомени и неважни спомени, истражувачите спровеле серија на експерименти.

Во еден од експериментите, на испитаниците им бил даден сет на слики од 2 категории- животни и алатки. Пет минути подоцна, им биле закачени електроди на зглобовите, а потоа им бил покажан нов сет на слики (исто така од животни и алатки). Со цел да едната категорија подобро да се запомни, на испитаниците им бил даден електричен шок. Некои го добиле додека ги разгледувале животните, некои, алатките.

Потоа, научниците им ја тестирале меморијата за сите слики. Како што се очекувало, подобро биле запаметени сликите придружени со електрошокови. Но, интересно е тоа што оние кои добиле електрошок додека ги разгледувале алатките од вториот сет, подобро се сеќавале на алатките од првиот сет (пред да го добијат електрошкот). Се разбира, истото важело и за сликите со животни.

Овие нови наоди ја нагласуваат високо прилагодливата природа на нашиот мемориски систем и укажуваат на тоа дека нашите сеќавања не само што може да „патуваат“ назад во времето за да се оживеат настаните од минатото, туку и дека спомените можат да се ажурираат со важни информации и детали.

Поддржете ја нашата работа: