Што ќе се случи ако удри земјотрес како во 1963?

14868
СПОДЕЛИ

Многу наши сограѓани се во паника од последните земјотреси што го тресат Скопје. Деновиве сите до еден намерно или ненамерно, свесно или потсвесно се со мислите на катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година.

Мислам дека сите си го поставуваат прашањето – што ако повторно градот го погоди земјотрес со таков интензитет како тој што го разурна 80% од градот во 1963 година, што ќе се случи со нас со нашите деца згради, куќи, училишта?

Скоро сите објекти во Скопје после 1963 година се градат по други стандарди и на комплетно друг начин него како пред земјотресот.

Гледајќи сега од преку 50 годишна дистанца се чудам како е можно толку градби во градот да биле изградени без носечки конструкции и столбови, него така само ѕидани со комбинација од тули, цигли, малтер, вар и по некоја дрвена греда.

Сегашните згради, куќи и објекти кои се состојат од бетонски армирани темели, носечки вертикални бетонски армирани столбови кои се поврзани со хоризонтални бетонски армирани столбови (цирклажи), кров чии греди се прицврстени за самите столбови се и теоретски и практично неуништливи за земјотрес од калибар на тој од 1963 година.

Иако може да има по некој испукан ѕид, фасада или турнат оџак, сепак главната конструкција на куќите и зградите може да издржи минимум 10 пати појаки земјотреси од тој во 1963 година.

  • Граѓаните што живеат во дрвените бараки изградени после земјотресот исто така не треба да стравуваат бидејќи дрвените конструкции се во одредени случаи и многу поиздржливи од бетонските, пред се поради самата еластичност и флексибилност на дрвото, меѓутоа бидејќи самите бараки се изградени пред многу години не е лошо стручно лице да направи проценка дали има потреба од подобрувања.

Видео: Стар наспроти нов дизајн на куќа

Да нема заблуди, ќе биде страшно ако овој земјотрес има 11 пати поголема енергија од тој во неделата, ќе паѓаат предмети, ќе тропаат врати, се ќе се ниша како на филм, меѓутоа самото сознание дека зградата нема во никој случај да се сруши треба да ви даде храброст во тие неколку секунди да се позиционирате на место каде сте најбезбедни (кај рамката на вратата) пред се’ од некој предмет од таванот и ѕидовите што може да ви падне врз глава.

Поради сето ова сметам дека треба да бидеме смирени и да не предизвикуваме трауми врз нашите деца што го гледаат нашиот страв и постапки и како превентивна мерка што секој треба да ја преземе во својот дом е привремено да ги премести или дополнително прицврсти одредените елементи од ѕидовите и таваните што би можеле да не повредат при потрес, а доколку станот е пренатрупан со опасни објекти и витрини што може да паѓаат,добро е секој да си одреди едно почисто место каде смета дека би било најбезбедно да се премести веднаш заедно со своите најблиски.

Кој треба да биде загрижен при ваков настан?

Сите оние ѓраѓани што имаат изградено или доградено делови на своите куќи без притоа да имаат поставено темели (стопи) со носечки армирани столбови и цирклажи се во сериозен ризик од можно рушење на градбата од овој тип, па затоа мој совет е во најскоро можно време да побараат стручен совет од архитект кој ќе им даде стручен предлог како може конструктивно да го подобрат својот објект со цел да можат мирно да спијат.

Во наредното видео можете да видите симулација на внатрешноста на објект при земјотрес со минимум 100 пати поголема енергија од тој во Скопје 1963 година и треба да ви послужи за евентуално планирање на распоредот на предметите во вашите објекти или при планирање на најбезбедното место во објектот каде би требало да се преместите при евентуална катастрофа.

Автор: Влатко Стефаноски

 

Дискусија

Коментари

СПОДЕЛИ