Се што е важно од здравствената заштита, автомобилите, до електрониката, е резултат на иновативноста, експериментите и откритијата на овие умни луѓе. Нивната упорност, фокусираност и одлучност да се спротивстават на неверувањата, може да послужи и како лекција за животот.
Издвојуваме 10 од највлијателните научници чии откритија го сменија правецот на нашите животи.
1. Исак Њутн (1642-1727)
Сер Исак Њутн, англиски физичар и матеметичар, се смета за еден од најголемите научници на сите времиња. Неговото дело „Philosophiæ Naturalis Principia Mathematicaе“, објавено во 1687 година, претставува една од највлијателните книги во историјата на науката. Во ова дело Њутн ги опишува универзалната гравитација и трите закони на движењето, со што ја поставува основата на класичната механика, што бил доминантен научен поглед во физиката следните три века и претставува база за современото инженерство. Огромен е и неговиот придонес во областа на математиката.
2. Алберт Ајнштајн ((1879-1955)
Алберт Ајнштајн, теориски физичар роден во Германија, во 1921 година ја добил Нобеловата награда за физика за објаснувањето на фотоелектричниот ефект. Но, неговиот најзначаен труд е теоријата на релативитето , што заедно со квантната механика ја сочинува основата на модерната физика. Тој исто така го формулирал и односот на енергијата и масата, поставувајќи ја најпозната равенка на светот: E = mc2. Тој соработувал и со други научници на други трудови како ште е Бозе-Ајнштајновата статистика. Писмото што Ајнштајн му го испратил на претседателот Рузвелт во 1939 година, каде го алармира за можноста од создавање на нуклеарно оружје, се смета дека претставува клучниот стимул за САД да почнат да развиваат атомска бомба. Ајнштајн сметал дека ова било најголема грешка во неговиот живот.
3. Џејмс Кларк Максвел (1831-1879)
Максвел, шкотски физичар и математичар, го вовел концептот на електромагнетното поле преку збир од равенки. Тој покажал дека електромагнетните бранови се движат во вселената со брзина на светлината. Во 1961 година, Максвел ја направил првата трајна фотографија во боја. Неговата работа во областа на термодинамиката и кинетичката теорија им помогнала и на други научници во таа област. Производ на тоа е и законот за дистрибуција по Максвел-Болцман. Неговиот придонес во физиката ги поставил темелите на идните истражувања, како тие од областа на релативитетот и квантната механика, што го вклучуваат во лигата на најистакнатите физичари.
4. Луј Пастер (1822-1895)
Луј Пастер, француски микробиолог и хемичар, е заслужен за откривањето на методата за заштита на намирниците, позната како пастеризација. Пастер работел и на полето на имунизацијата и ги направил вакцините против беснило и антракс. Тој работел и на откривање на причините и превенција на болестите и придонел во теоријата за улогата на микроорганизмите и болестите и нејзина примена во клиничката медицина. За сето ова Пастер е наречен „татко на микробиологијата“. Во областа на хемијата, Пастер ја открил појавата на асиметрија на кристалите. Тој го основал Институтот Пастер за истражување и примена на науката.
5. Чарлс Дарвин (1809-1882)
Чарлс Дарвин, се опишува како една од највлијателните фигури во човечката историја. Дарвин, англиски природонаучник и зоолог, ги поставил основните сфаќања за потеклото на животот. Тој објаснува дека сите живи видови потекнуваат од еден заеднички предок и дека еволуцијата се случува преку процесот наречен прирдна селекција. Ова е засега доминантното научно објаснување за разновидноста на живиот свет.
6. Марија Кири (1867-1934)
Марија Кири е добитник на Нобеловата награда за физика (1903) и хемија (1911) година. Таа не само што била прва жена добитник на Нобеловата година, туку била и прва што ја добила наградата во две различни области. Главно поле на нејзините истражувања била радиоактивноста – изолацијата на радиоактивните изотопи и откритието на елементите полониум и радиум. Таа, исто така вршела истражувања за третман на неоплазмите. За време на Првата светска војна, Кири го основала првиот радиолошки центар во Франција и поставила бројни мобилни радиолошки единици, што помогнало да се спасат многу војници. За жал, постојаната изложеност на радијација било причина да се разболи од апластична анемија од која починала во 1934 година.
7. Никола Тесла (1856-1943)
Српскиот инженер и иноватор, кој подоцна добива американско државјанство и станува жител на САД, Никола Тесла, често се опишува како најважниот научник и иноватор на модерното време – „Човекот што го осветли лицето на Земјата“. Негови најпознати пронајдоци се полифазните системи, обратното магнетно поле, асинхроните мотори, синхроните мотори и Теслиниот трансформатор. Неговиот систем за наизменична струја, овозможил значително полесен и поефикасен начин на пренос на електрична енергија на далечина. Покрај неговата работа на полето на електро-магнетизмот и инженерството, Тесла оставил свој печат и во областа на роботиката, конструирањето на далечинскиот управувач и радарот, како и во развивањето на компјутерската наука, балистиката, нуклеарната и теоретската физика. Современите биографи на Тесла го нарекуваат „Човекот што го измисли дваесеттиот век “. Во 1960 година, во негова чест, интернационалната единица за мерење на јачина на магнетно поле е именувана „Тесла“.
8. Нилс Хенрик Давид Бор (1885-1962)
Данскиот физичар Нилс Бор е добитник на Нобеловата награда за физика во 1932. Нилс Бор со својата квантна теорија за градбата на атомот се вбројува во основачите на модерната атомска физика. Според него е именуван и еден елемент – бориум, претходно (хафниум). Нилс Бор бил дел од британската мисија во „Проектот Менхетн“ (заеднички проект на САД, Обединетото Кралство и Канада, кој имал за цел развој на нуклеарно оружје во текот на Втората светска војна) и одиграл голема улога во основањето на ЦЕРН.
9. Галилео Галилеј (1564-1642)
Италијанскиот физичар, астроном, математичар и филозоф Галилео Галилеј, најмногу е познат по своите достигнувања во астрономијата. Го подобрил телескопот и направил значајни астрономски опсервации, помеѓу кои и тоа дека планетата Венера покажува фази исто како и Месечината, и ги открил месечините на Јупитер. Поради неговата поддршка на хелиоцентризмот, Галилео дошол во судир со Инквизицијата и морал да се откаже од своите ставови. Му било дозволено да се врати во својот дом, но во строга изолација, што тој и го направил. Тие години во изолација ги поминал во постојана научна работа и истражување.
10. Аристотел (384-322 п.н.е.)
Аристотел бил грчки филозоф кој се смета дека бил првиот вистински научник. Неговите погледи и ставови имале влијание на научниците и истражувачите во подоцнежните години. Бил ученик на Платон, а во историјата е познат како учител на Александар Велики. Неговите трудови се од многу области: физика, метафизика, етика, биологија, зоологија. Неговите ставови за природните науки биле многу понапредни од останатите и ја поставиле основата на науката во тоа време.