На сите им е добро познато дека пушењето цигари гарантирано го оштетува здравјето. Цигарите најчесто се поврзуваат со појавата на рак на белите дробови и грлото. Но, цигарите содржат преку 600 опасни состојки, а токсините од цигарите можат да допрат до секој орган во телото и да бидат причина за појава на рак.
Пушењето цигари е водечка причина за појава на рак и смрт како последица на ракот. За среќа, овие состојби може да се превенираат. Затоа ако сакате значително да го намалите ризикот од појавата на подолу наведените видови на рак, фрлете ги цигарите уште денес.
1. Рак на белите дробови
Пушењето цигари претставува ризик фактор број еден за појава на рак на белите дробови. Просечно, ризикот од појавата на рак на белите дробови изнесува 1 од 13 лица, но веројатнста да развијат рак на белите дробови е за 15 до 30 пати поголема кај пушачите отколку кај непушачите.
2. Рак на дебелото црево и ректумот
Неколку истражувања покажале дека долгорочните пушачи се изложени на 20 до 60 проценти поголем ризик од појава на рак на дебелото црево или ректумот, иако не е сигурно дека оваа релација е причинско-последична или е придружена со други варијабили како што е исхраната.
3. Рак на грлото на матката
Поврзаноста на ракот на грлото на матката и сексуално преносливите инфекции со хуман папилома вирусот е прилично добро документирана, но истражувањата покажале поврзаност на овој рак и пушењето цигари. Всушност, „U.S. Surgeon General“ го идентификува ракот на грлото на матката како каузално поврзан со пушењето цигари.
Според Центарот за контрола и превенција на болестите во САД, ракот на грлото на матката бил водечка причина за смрт кај жените, но сега Американската асоцијација за канцер открива дека бројот на смртни случаи поврзани со оваа болест се намалил за повеќе од 50 проценти, благодрение на скринигот и ХПВ вакцината.
4. Рак на усните
Според „Healthline“, ракот на усните е најчест тип на орален рак. Ризикот за развој на рак во устата се зголемува со возраста, но цигарите уште повеќе го зголемуваат ризикот од појавата на оваа болест. Според Центарот за третман на рак во Америка, 80 проценти од лицата на кои им е дијагностициран рак во устата, меѓу кои рак на усните, јазикот, образите, грлото и синусите, биле пушачи.
5. Рак на грлото
Ракот на грлото се однесува на канцерозни промени што се јавуваат на ждрелото (pharynx), гркланот (larynx) или крајниците. Во споредба со другите видови на рак, ракот на грлото е релативно редок – со помалку од 2 проценти ризик за појава на ова заболување во тек на животот. Сепак, ризикот се зголемува под влијание на одредени фактори, како што е пушењето.
6. Рак на кожата
Кај пушачите, ризикот од појава на рак на кожата е значително висок, дури и кога не се изложуваат на сонце и на УВ зраци во солариум.
Една студија од 2012 година покажува дека кај пушачите, ризикот од појава на рак на плочестите епителни клетки на кожата – вториот најчест рак на кожата, е поголем за 52 проценти. Овој вид на рак може да се излекува ако се открие во рана фаза, но може да биде и животно загрозувачки ако се дозволи да напредува.
7. Рак на бубрези
Ракот на бубрезите е еден од 10-те најчести типови на рак и кај мажите и кај жените. Иако се јавува кај 1 од 63 лица (скоро 2 проценти), според Центарот за истражување на ракот во Велика Британија, кај пушачите, ризикот од развој на рак на бубрезите е за 50 проценти поголем.
Што е уште поважно, едно истражување направено од Универзитетот Дјук во 2011 година, покажало дека пушењето цигари ја зголемува веројатноста од развој на најсмртоносните форми на рак на бубрезите. Сепак, истражувањето исто така покажало дека со престанок на пушењето значително се намалува и ризикот од појава на болеста.
8. Рак на дојка
Истражувачите од Американското здружение за канцер во 2013 година објавија една студија во која се поврзува пушењето на цигари со појавата на рак на дојка. Тие откриле дека појавата на инвазивен рак на дојка кај активните пушачи е за 24 проценти поголем, отколку кај непушачите, а за 13 проценти поголем кај поранешните пушачи, отколку кај непушачите.
9. Рак на бешика
Според Американското здружение за канцер, пушењето е најголемиот ризик фактор за развој на оваа болест. Фактички, пушењето е причина за појава на речиси половина од случаите на рак на бешиката и кај мажите и кај жените. Според ова здружение, кај пушачите шансите за развој на рак на бешиката се 3 пати поголеми во споредба со непушачите.
10. Рак на црниот дроб
Иако на сите им се познати штетните ефекти што ги има алкохолот врз здравјето на црниот дроб, веројатно малкумина се свесни дека пушењето е исто така опасно и за црниот дроб. Ракот на црниот дроб се наоѓа на листата на заболувања кои се поврзани со пушењето.
11. Рак на панкреас
Ракот на панкреас има највисока стапка на смртност од сите видови на рак. Според „Hirshberg“,Фондацијата за истражување на ракот на панкреас, ова во голема мерка се должи и на тоа што „не постојат дијагностички средства со кои би се открил ракот во рана фаза кога негово хируршко отстранување е сѐ уште возможно“.
Цигарите се еден од најголемите ризик фактори за појавата на рак на панкреас. Всушност, според Американското здружение за канцер, околу 20 до 30 проценти од случаите на рак на панкреас се смета дека се предизвикани од пушењето. Ризикот за развој на оваа болест е два пати поголем кај пушачите во споредба со оние кои никогаш не пушеле.
12. Рак на желудник
Ракот на желудник обично се јавува кај постарата популација – 6 од 10 лица дијагностицирани со оваа болест се над 65 години. Ризикот од појава на рак на желудникот е двојно поголем кај пушачите во споредба со непушачите.
13. Рак на хранопровод
Појавата на ракот на хранопроводот се забележува кај 1 на 125 мажи и 1 на 435 жени, но ризикот значително се зголемува кај пушачите. Според Центарот за контрола и превенција на болестите во САД, веројатноста да развијат рак на хранопроводот е пет пати поголема кај пушачите, отколку кај непушачите.
14. Акутна миелоидна леукемија
Акутната миелоидна леукемија (АМЛ) претставува рак на крвта и коскената срцевина која се карактерзира со прекумерна количина на бели крвни зрнца. Според Американското здружение за канцер, иако ризикот за развој на оваа болест просечно изнесува 0,5 проценти –истражувањата покажуваат дека пушењето го зголемува ризикот за развој на болеста за два до три пати. Според Центарот за истражување на ракот во Велика Британија, околу 17 проценти од случаите со АМЛ се последица на пушењето. Ваквата поврзаност тие ја припишуваат на бензенот – канцероген токсин што се наоѓа во цигарите.
15. Рак на душникот
Душникот (trachea) е цевчест орган што ги поврзува устата и носот со белите дробови. Се состои од ‘рскавични прстени кои може да се почувствуваат на допир на предната страна од вратот. Иако сѐ уште не е доволно јасно што го предизвикува ракот на душникот, истражувачите откриле дека најчестата форма на рак на душникот обично е поврзана со пушењето.
16. Рак на јајниците
Ракот на јајниците е осми најчест вид на рак и четврта водечка причина за смрт кај жените во САД. Ризикот за развој на рак на јајниците изнесува околу 1,5 проценти, но според Американското здружение за канцер, ризикот е двојно поголем кај пушачите во споредба со непушачите.