5 категории на луѓе со зголемен ризик за самоубиство

Во продолжение следуваат 5 категории на личности и особини кои укажуваат на зголемен ризик од самоубиство.

1. Пушачите

Се чини дека пушењето не само што може да го влоши нашето физичко здравје, туку и менталното здравје. Истражувачите од  Медицинскиот факултет на Универзитетот во Вашингтон, забележале дека зголемувањето на даноците за цигарите се совпаднало со опаѓањето на стапката на самоубиства, па одлучиле да ја испитаат потенцијалната поврзаност. Користејќи податоци од Националниот центар за здравствена статистика, истражувачкиот тим најпрво анализирал колку самоубиства биле извршени од страна на луѓе кои се идентификувани како пушачи. Во вториот дел од нивната анализа се фокусирале на бројот на самоубиства во државите со агресивна политика против пушењето. За секое зголемување на даноците за 1 долар на цигарите секоја година, стапката на самоубиства е намалена за 10%.

Пушењето поттикнува депресија или ја зголемува зависноста од други супстанции. Не е познато зошто и како настануваат овие ефекти, но бројките јасно покажуваат дека постои врска помеѓу хроничната употреба на никотин и депресијата или анксиозноста, а со тоа и зголемен ризик за самоубиство.

2. Тинејџерите кои страдаат од потрес на мозокот

Доживувањето на трауматски повреди на мозокот (ТБИ) може да го оштети невролошкит развој на тинејџерите, но, исто така, се поврзуваат и со ослабната психолошка и емоционална состојба. Една неодамнешна студија спроведена во болницата Свети Михаил во Онтарио открива дека тинејџерите кои се соочуваат со ТБИ се со зголемен ризик за прерана смрт, особено како резултат на самоубиство. Тинејџери кои доживеале потрес на мозокот имале три пати поголеми шанси за обид за самоубиство, два пати поголема веројатност да бидат малтретирани на училиште и  поголема веројатност да се јават на телефонска линија за помош или да земаат лекови за лекување на анксиозност/депресија во споредба со оние кои не страдаат од потрес на мозокот.

3. Музичарите

Личната историја на злоупотреба на дрога и семејната историја на самоубиства беа посочени како фактори на ризик за евентуалното самоубиство на Курт Кобејн, но  психолозите укажуваат дека неговата кариера како музичар е „црвено знаме“. Стив Сак, директор на Центарот за истражување на самоубиства и професор на Државниот универзитет Вејн, објаснува дека бројот на самоубиства кај музичарите е три пати повисок од сегашниот национален просек. Додека голем број на студии за самоубиство се согласуваат дека и други уметнички професионалци како писатели, актери, сликари се склони кон депресија и самоубиствени мисли, музичарите некако не се земаат предвид. Сепак, нивната работа е од слична природа.

4. Возрасни со Аспергеров синдром

Класифициран како дел од аутистичниот спектар на нарушувања (АСН), Аспергеровиот синдром е состојба која се одликува со социјално нарушување, тешкотии во комуникацијата и рестриктивни/повторливи однесувања. Неодамнешна студија на населението во Велика Британија открива дека луѓето со Аспергер имаат девет пати поголема веројатност за самоубиствени мисли и обид за самоубиство во одреден момент во својот живот. Неможноста да се дружат или да се поврзат со другите луѓе е главниот фактор што придонесува за самоубиствени мисли.

„Возрасните со Аспергеров синдром често страдаат од секундарна депресија поради социјалната изолација, осаменост, социјална исклученост, недостаток на социјални служби, нереализираност и невработеност. Нивната депресија и ризикот од самоубиство може да се спречат со соодветна поддршка”, вели  Сајмон Барон-Коен, професор од научниот центар за аутизам на Универзитетот во Кембриџ, во соопштението. Овие наоди треба да бидат повик за итната потреба од високо квалитетни услуги и спречување на трагедии.

5. Посвоените тинејџери

Како резултат на одвојувањето и сместувањето во институции на рана возраст, многу посвоени тинејџери покажуваат знаци на разни психички пореметувања, како и злоупотреба на супстанции. Една неодамнешна студија на повеќе од 1.200 луѓе кои живеат во Минесота, откри дека 47 од 56 самоубиствени обиди се од посвоени деца. 16 од нив биле машки, а 31 биле девојчиња. Од 692 посвоени тинејџери вклучени во студијата, мнозинството страдало од голем број на нарушувања во однесувањето (семеен раздор, откажување од училиште и негативно расположение). Истражувачкиот тим ги поврзал самоубиствените мисли со психолошките особини наследени од нивните биолошки родители, вклучувајќи психијатриски нарушувања и злоупотреба на супстанции, а не со проблеми на посвоителите.

Адолесценцијата, воопшто, е период на поголем ризик за обид за самоубиство, меѓутоа ризикот може да биде релативно повисок за посвоените деца.

Поддржете ја нашата работа: