Овие мисии не само што ги надополнија нашите научни сознанија, туку предизвикаа и културолошки промени што ја проширија нашата перцепција за нас самите и нашето место во универзумот. Еве уште 5 други роботски вселенски мисии кои го имаат истиот ефект.
Вселенскиот телескоп Хабл
Веќе 25 години телескопот Хабл ни ги доловува убавините и величественоста на вселената. Телескопот е сместен во орбитата, но преку неговите моќни огледала ни овозможи да патуваме до самата граница на видливиот универзум. Тој ни покажа дека нашата галаксија е само една помеѓу останатите 100 милиони.
Телескопот има направено слики од облаци од гас, коишто се соединуваат заедно за да родат нови ѕвезди, на ист начин како што тоа некогаш се случило со нашата. Сликите беа потврда дека сите сме материја од ѕвездената прашина. Хабл исто така ни ја покажа и смртноста на нашиот Сончев систем, доловувајќи слики од други ѕвезди кои катаклизмично умираат во спектакуларна супернова. Овие слики го направија телескопот обожувана икона, но и легендарен научен инструмент.
Војаџер 1 и 2
Двете летала Војаџер беа лансирани во 1977 година, за да направат обиколка на планетите. Тоа беше почеток на патувањето што ги однесе двете летала до надворешните граници на Сончевиот систам, а во случајот со Војаџер 1 и подалеку. Ова летало е првиот објект направен од луѓето, што го напуштил Сончевиот систем и влегол во нова област од универзумот.
Во деновите пред интернетот, луѓето ги полнеле планетариумите за да ги гледаат сликите што пристигале од Војаџер. Луѓето со воодушевување гледале во деталите од атмосферата на Јупитер и светкавите прстени на Сатурн. Исто како што „Сината џамлија“ – сликата од Земјата што ја направи Аполо 17 во 1972 г. ја покажува деликатната величественост на нашата планета, сликата што ја направи Војаџер 1 во 1990 г. каде нашата планета изгледа како бледа сина точка во пространиот универзум, ни ја покажа нашата маленкост во огромното пространство на универзумот.
Поминувајќи ги планетите од нашиот Сончев систем, на својот пат Војаџер бил бомбардиран од честички од Сонцето што научниците ги нарекуваат соларни ветрови. Колку подалеку патувал ветровите станувале помирни и во 2012 година ја поминал точката каде што почнуваат да се чувствуваат честичките што лежат помеѓу ѕвездите – ветерчето од меѓуѕвездениот простор.
Мисијата на Војаџер ќе продолжи, бидејќи прерасна во емисар на човековата цивилизација и како што велат во НАСА, Војаџер е сега „на патот кон вечноста“.
Касини-Хајгенс
Сатурн е еден од најголемите тела во Сончевиот систем. Овој гасен џин и неговите прстени се јасно видливи преку обичен телескоп, но сѐ до мисијата Касини-Хајгенс, која пристигна во системот на Сатурн во 2004 година, научниците имаа малку податоци за планетата и нејзините месечини. Главното достигнување го направи слетувањето на сондата Хајгенс од Европската вселенска агенција, на најголемата месечина на Сатурн -Титан во 2005 година.
Леталото Касини се спушти низ прстените на Сатурн кон големата портокалова месечина. Првите слики покажаа дека Сатурн е обвиткан со облаци, но инфрацрвените и ултравиолетовите камери успеаа да „фрлат поглед“ низ маглата до неговата површина. Потоа, Касини ја спушти сондата Хајгенс на површната на оваа мистериозна месечина, а микрофоните од сондата ги испратија првите аудио записи од Титан, звук што наликува на шушкање од ветер.
Радарските мерења открија докази за постоење на дожд и активен климатски систем, пропратени со восхитувачки слики од нешто што наликува на големо езеро или морско дно. Сликите исто така покажале и бели облаци и канали, слични на речни корита, кои веројатно биле издлабени од течен метан.
Првата фотографија во боја покажала портокалово небо, исушено езерско дно и густа магла во позадината, а во предниот дел, ладен чакал од замрзната вода.
Викинг, Спирит и Опортунити
Постојат бројни мисии на Марс, секоја од нив импресивна на свој начин. Дури и некои од неуспешните, како Британската „Бигл 2“, се незаборавни. Меѓу најживописните е првиот лендер Викинг, кој се спуштил на површината на Марс во 1976 година. Меѓу сликите што ги испратил била првата панорамска фотографија од Марс.
Зачудувачките слики што дојдоа од роверите –близнаци на НАСА, Спирит и Опортунити, што слетаа на Марс во 2004 година, донесоа многу поразлично доживување. Сликите направени од овие роботи направија да се почувствуваме како навистина да сме стапнале на површината на Марс. Како што се движеа роверите, со нив се движевме и ние – како да сме на патување по црвената планета. Преку камерите на Спирит и Опортунити, можевме да ги видиме различните терени на Марс до извонредни детали.
Џото
Мисијато Џото во 1986 година беше првата што направи увид во внатрешноста на комета. Мисијата беше уште пофасцинантна бидејќи направи увид во најпознатата комета – Хелеевата комета. Со векови Хелеевата комета редовно поминува покрај Земјата. Многумина ја сметале за предвесник на пропаст или огнен ангел. Дури и во 1910 година постоеле стравувања дека појавувањето на Хелеевата комета ќе доведе до масовни труења. Несовесните граѓани продавале дури и „таблети против кометата“ и гас-маски.
Конечно научниците успеале да го тргнат превезот на страв од Хелеевата комета. Мисијата открила дека кометата има темно правливо тело во облик на кикиритка. Леталото исто така открило и млаз од гасови кои излегуваат од јадрото на кометата. Подоцнежните анализи покажале дека Хелеевата комета се формирала во раните денови од Сончевиот систем од мраз и прашина и оттогаш останала скоро непроменета.