Бизарен случај – фока се пари со пингвин (Видео)

На еден далечен и ненаселен остров на Антарктикот научниците забележале дека фоките се обидуваат да стапат во сексуални односи со пингвините.

Како што пишува „BBC“, оваа појава била забележена повеќе пати, со различни „актери“, па научниците решиле оваа необична појава да ја забележат на видео снимка, а деталите ги објавиле во списанието „Polar Biology“.

Бизарното сексуално однесување на фоките не било големо изненадување за научниците, со оглед на тоа дека уште во 2006 година е забележено дека една фока на островот Марион се обидува да се пари со кралски пингвин.

Според теориите во тоа време ваквото однесување било последица на сексуална фрустрација или неискуство на младата фока, потоа дека се работи за агресивно предаторско однесување, или дека играта едноставно се претворила во сексуален чин.

Меѓутоа, новите инциденти (објавени во студијата со наслов „Multiple occurrences of king penguin (Aptenodytes patagonicus) sexual harassment by Antarctic fur seals (Arctocephalus gazella)”, сѐ уште се изненадување за научниците.

После 2006 година се случиле уште три напади од млади мажјаци-фоки врз пингвини со непознат пол.

Кај сите четири случаи забележан е ист начин на однесување. Фоката трча по пингвинот, го фаќа и потоа се обидува неколку пати да се пари. Секој обид трае пет минути, со паузи помеѓу нив. Се смета дека фоките во некои случаи успеале да извршат пенетрација.

Во три случаи, фоките ги пуштиле пингвините, но во последниот фоката го убила пингвинот и го изела.

Тоа не зачудува, бидејќи на овој остров фоките често ги ловат пингвините и ги јадат.

Овие инциденти претставуваат единствените забележани обиди фоките да се парат со членови од друга биолошка класа, односно во овој случај, обид на цицач да стапи во сексуални односи со птица.

Иако сѐ уште немаат одговор зошто фоките вака се однесуваат, научниците се сомневаат дека се работи за научена шема на однесување.

„Фоките имаат капацитет за учење што веќе го покажуваат кога одат во потрага по храна“– вели Нико де Брајан од Институтот за истражување на цицачи на Универзитетот во Преторија, Јужноафричка Република.

Тоа значи дека мажјаците гледаат како другите мажјаци ги напаѓаат пингвините, па потоа и самите се обидуваат истото да го направат. Со тоа би можело да се објасни зошто бројот на ваквите инциденти е во пораст и зошто е ограничен на островот Мариот.

„Но, можеби навистина се работи за сексуална фрустрација, со оглед на напливот на хормони во сезоната на парење. Од друга страна, шансите, младиот мажјакот фока погрешно да го препознае пингвинот како женка-фока, се многу мали. Затоа е навистина тешко да се одреди вистинската причина за ваквото однесување“– заклучува Брајан.

https://www.youtube.com/watch?v=ABM8RTVYaVw

 

 

Поддржете ја нашата работа: