Дали кокошките може да го спречат ширењето на маларија?

Група на истражувачи од Шведска спровеле серија на експерименти во западна Етиопија во 2012 година. Тие ги документирале моделите на хранење со крв на женските комарци од видот „Anopheles arabiensis“, кои се една од доминантните причини за маларија во суб-сахарска Африка, и забележале одредена шема.

Од трите села коишто ги проучувале, во оние каде што добитокот често имал контакт со селаните, видот на животните кои комарците ги касале се разликувал во однос на тоа дали тие се наоѓаат внатре или надвор. Така луѓето биле нивна жртва во затворен простор, додека кравите на отворен шростор. Но, без разлика на средината, научниците забележале дека комарците никогаш не ги касале кокошките.

Претходни истражувања покажале дела луѓето можат да прават разлика меѓу луѓето врз основа на одреден мирис кој тие го испуштаат, но досега никој не го забележал ова и кај животните.

Така, врз основа на тоа што го виделе во етиопските села, истражувачите теоретизирале дека комарците кои пренесуваат маларија имаат инстинктивна аверзија на мирисот на птиците.

За да ја тестираат својата теорија, тие собрале примероци од влакна, пердуви и волна од кокошки, крави, луѓе и кози и ги изолирале посебните хемикалии кои го предизвикуваат мирисот. Потоа спровеле еден експеримент во 9 куќи каде што поставиле еден уред кој испуштал синтетичка верзија на овие хемикалии, а еден волонтер спиел во близина, заштитен со мрежа, во текот на 11 ноќи. Во некои куќи дури била поставена и кокошка, колку и да изгледа сето тоа смешно.

chicken

На крајот на експериментот научниците откриле дека комарците многу помалце ги посетувале куќите со хемикалиите на кокошките и со самите кокошки. Три хемикалии кои кокошките ги делат со другите животни исто така имале ефект.

Иако ова истражување ги разгледувало комарците од само еден вид, можно е овој ефект да е застапен и кај други комарци кои предизвикуваат болести. Со оглед на тоа што комарците често ја бираат својата жртва и се потпираат на својот осет за мирис за да ја пронајдат, многу е веројатно дека постојат и други слични мириси кои ги одбиваат.

Што се однесува на тоа зошто комарците не ги касаат кокошките, одговорот е прилично едноставен. Пердувите на кокошките (и на секоја птица воопшто) им го отежнуваат пристапот до крвта, но што е уште поважно, кокошките можат лесно и брзо да ги проголтаат сите комарци кои ќе го пробаат тоа. Покрај тоа, и крвта на кокошките можеби не им е привлечна. Во текот на долгата еволуција, комарците најверојатно се адаптирале и развиле вкоренет страв од кокошките, базиран на мирисот.

Истражувачите велат дека овие хемикалии на база на мирисот на кокошките кои ги одбиваат комарците делуваат на прилично голема далечина, за разлика од комерцијалните средства кои функционираат само одблизу. Овие хемикалии не се отровни, па затоа не можат да се споредат со пестицидите кои се од особено значење за намалување на популацијата на комарците кои ја пренесуваат маларијата, но со оглед на тоа дека комарците полека стануваат отпорни на пестицидите, секоја помош е добредојдена, особено со оглед на фактот дека минатата година со маларија се заразија повеќе од 200 милион лица и починаа речиси половина милион лица.

Истражувачите велат дека можеби овие хемикалии засновани на кокошките треба да се користат во комбинација со пестицидите за понатамошно намалување на интеракцијата помеѓу комарците и луѓето.

Следниот чекор на истражувачите е да пронајдат формулација, по можност користејќи биоразградлив материјал, што би им овозможило да го ослободуваат мирисот во текот на подолг временски период во природна средина, за да можат да ги проучуваат директните ефекти и да откријат дали на овој начин може да се намали ширењето на маларијата.

Истражувањето е објавено во „Malaria Journal“.

Поддржете ја нашата работа: