Во денешно време луѓето се опседнати со тоа да останат млади, како физички така и ментално. Луѓето вежбаат за да ги одржат мускулите и телото цврсти, силни и здрави, но може ли да го вежбаме и мозокот?
Во oва видео на „SciShow“, со наслов „Може ли навистина да го тренирате вашиот мозок“, водителот Мајкл Аранда објаснува дека игрите за „тренирање на мозокот“, за кои се тврди дека ја подобруваат меморијата, вниманието и расудувањето, па дури и исходот на болестите како деменцијата – всушност не го подобруваат севкупното здравје на мозокот.
Тренирањето на мозокот се базира на концептот на невропластичност, односно идејата дека врските помеѓу невроните во мозокот се пластични и променливи и можат да прифатат нови работи. Истражувањата за деменција и процесите на стареењето на мозокот покажуваат дека губењето на пластичноста може да доведе до пад на когнитивните способности, па затоа се тврди дека со програмите за тренирање на мозокот може да се стопира, па дури и да се преобрати овој процес, ако мозокот се „вежба“ исто како и мускулите.
Знаеме дека колку повеќе работиме некоја задача, стануваме подобри во истата, но може ли играњето на овие игри практично да не направи подобри во вршењето на работите од реалниот живот, како на пример, подобро да ги помниме имиња или закажаните состаноци.
Во едно истражување од 2010 година, објавено во списанието „Nature“, истражувачите на 11.000 лица им дале да вежбаат одредени задачи, со намера дека ќе ја подобрат нивната меморија, внимание и расудување. Но, после шест недели, било утврдено дека учесниците станале подобри само во самата игра. Со други зборови, учесниците не можеле да ги префрлат новите вештини на други задачи, дури ни на оние што биле слични.
Во научната заедница постои општа согласност дека тренирањето на мозокот нема значително влијание врз когнитивните способности. Во 2014 година, 70 невронаучници и психолози потпишаа изјава во која се вели: „Ние се противиме на тврдењата дека игрите за тренинг на мозокот им нудат на корисниците научно втемелена можност за намалување или повраток на когнитивниот пад, затоа што, до денес нема релевнтни научни докази дека тоа се случува“.
Па, дали ова значи дека вежбањето на мозокот воопшто нема никаква функција?
Не, сосема. Тие не можат да го подобрат севкупното мозочно здравје, но можат да бидат корисни во одредени случаи. На пример, една неодамнешна студија покажува дека во една програма која вклучувала и тренирање на вештини, вежбање на одредени работи, како помнење на имиња или броење, им помогнало на пациентите со Алцхајмер да станат подобри во тие работи.
Здравата исхрана и вежбањето можат да бидат доволни за да се зачува здравјето на мозокот во текот на стареењето. Науката сѐ уште се обидува да ги разбере ефектите од стареењето врз мозокот и што е причина за појава на деменцијата. Дотогаш, тренирањето на мозокот останува само уште една игра.