Дали недостатокот на сон ги пореметува емоциите?

Според експертите, потребно ни е најмалку 7 часа спиење за да бидеме здрави, а прекинувањата на сонот можат да бидат подеднакво штетни како и недостатокот на сон. Сега, едно ново истражување вели дека ако не спиеме доволно, може да се наруши и способноста на мозокот да ги регулира емоциите. Па, ако станувате намуртени наутро поради тоа што сте легнале доцна во ноќта, има научен доказ за тоа што се случува.

Научниците од Универзитетот Тел Авив во Израел успеале да го идентификуваат невролошкиот механизам кој е одговорен за нарушувањето на регулацијата на емоциите и откриле дека проблемите започнуваат по само една ноќ на неспиење.

За потребите на истражувањето, 18 доброволци останале будни цела вечер, а потоа била снимана нивната активност на мозокот со функционална магнетна резонанца и електроенцефалограм. Потоа, по една ноќ на добро спиење и една ноќ на испрекинато спиење, учесниците требало да го идентификуваат движењето на одредени точки на одредени слики (кои требало да побудат позитивни, негативни или неутрални емоции). Притоа повторно била снимана активноста на мозокот со цел да се овозможи увид во способноста и брзината на когнитивно процесирање.

Тестовите покажале дека недостатокот на сон предизвикува намалено регулаторно процесирање, многу мала разлика во активноста на мозокот во однос на разликата помеѓу позитивните и негативните слики, како и расеаност.

„Се чини дека го губиме чувството на неутралност. Покрај тоа, мозокот ја губи способноста да одреди што е важно. Како одеднаш се’ да станува важно“, велат истражувачите.

Тоа значи дека само по една ноќ без спиење се нарушува нашето когнитивно процесирање, па дури и за најмалата ситница може да избувнеме или да се расплакаме. Научниците ќе продолжат да истражуваат како методите за интервенција можат да ја намалат оваа емоционална дисфункција која се забележува кај состојбите на анксиозност, депресија и трауматски нарушувања.

Истражувањето е објавено во „The Journal of Neuroscience“.

Поддржете ја нашата работа: