Чувството на болката се доживува многу субјективно и тешко е да се измери. Но, кога се работи за справување со болката, во обѕир се земат два основни фактори: прагот на болка и толеранцијата на болка. Прагот на болка го означува моментот кога лицето првпат ќе почувствува болка, откако е изложено на некој стимул, како на пример убод од игла. И покрај тоа што стимулусот може да се измери, чувството на болка, сепак останува во целост субјективно. Толеранцијата на болка пак, го претставува количеството на болка што лицето може да ја издржи без да падне во агонија.
Широко е распространето мислењето дека жените се потолерантни на болка, поради исцрпувачките болки што ги издржуваат за време на породувањето.
Сепак, во 2012 година, тим од истражувачи од Универзитетот Стенфорд, САД, после завршување на прегледите на над 11 000 медицински записи, откриле дека кај жените постои тенденција да ја чувствуваат болката поинтензивно, особено кога се работи за акутно воспаление. На скала од 0 до 10, жените просечно ја рангирале болката за речиси едне единица повисоко од мажите.
Меѓутоа, ова претставува само еден дел од загатката, бидејќи анализите биле главно базирани на само-рангирање во болнички услови. Истражувачите исто така немале пристап до информациите кои би им помогнале да ги одредат причините за ваквите разлики помеѓу половите.
Ова не е единственото истражување. Во 2009 година, истражувачите од Универзитетот во Флорида извршиле масовен преглед на литература од истражувања поврзани со болката. И тука наодите покажале дека жените покажуваат поголема чувствителност на повеќето видови на болка. Тие исто така откриле дека жените, генерално, доживуваат повеќе болка – почесто посетуваат доктор заради проблеми поврзани со болка од мажите, користат повеќе аналгетици и почесто страдаат од болни состојби, како што се болки во долниот дел од грбот и мигрени.
Според прегледите, во експериментите, мажите демонстрирале поголем праг на издржливист. Под експеримент тука се подразбира кога на некое лице намерно му се нанесува болка, а лицето треба да одговори што чувствува. Сѐ вкупно, мажите покажале поголема толеранција на болка, барем во лабораториски услови. Една од претпоставките за овие наоди е биолошка – машкото тело ослободува повеќе биохемикалии кои ја ублажуваат болката, како што е бета-ендорфинот.
Па, значи ли ова дека жените полесно и потклекнуваат на болката и дека поврзувањето со породувањето е целосен мит? Не мора да значи. Како што беше спомнато, доживувањето на болката е многу субјективно. Типот на болката, расположението, стресот, сето тоа може да допринесе како се доживува болката. Хормоналните промени што се одвиваат во текот на менструалниот циклус кај жената исто така влијаат на чувствителноста на болка, иако тоа е различно кај секоја индивидуа.
Социјалните услови, исто така играат улога како луѓето ќе се изјаснат во врска со болката. Ако од мажите се очекува да бидат „цврсти“, тие ќе се обидат помалку да се жалат и да издржат поголема болка. Или како што вели „AsapSCIENCE“ – веројатно никогаш нема да откриеме што боли повеќе – удар во „меѓуножјето“ или породувањето.