Секоја есен, повеќето видови на мечки низ целиот свет се сместуваат во своето дувло и хибернираат во текот на студените зимски месеци.
Овој период на хибернација обично трае околу 6 месеца, и во текот на тоа време некои видови на мечки, како на пример црната мечка (Ursus americanus), може да го намалат биењето на срцето од 55 отчукувања во минута на само 9, со што ја намалуваат стапката на метаболизамот до 53%.
Во текот на хибернацијата, мечките може воопшто да немаат потреба од дефекација, односно исфрлање на изметот од телото. Како е тоа можно?
За да разбереме што се случува во телото на мечката кога хибернира, мора прво да разбереме што точно претставува хибернацијата и зошто се смета дека мечките не хибернираат вистински.
Во основа, под хибернација се подразбира кога некое животно преминува во состојба на целосна неактивност, при што протокот на крв и стапката на метаболизмот опаѓаат до ниво што се чини невозможно за видовите кои не хибернираат.
Некои видови, како на пример верверичките на Арктикот, се познати по својата вистинска хибернација бидејќи можат да ја намалат температурата на своето тело под нулата. Мечките ја задржуваат својата телесна температура на високо ниво што им овозможува да ги чуваат нивните младенчиња и да останат подготвени за опасностите кои може да демнат надвор од удобното дувло.
Според некои истражувачи, ова значи дека мечките воопшто не хибернираат, додека според други ова е супер хибернација бидејќи, да бидеме реални, можноста да бидат свесни за својата околина и да ја задржат телесната температура без да јадат, да се движат или да го исфрлаат изметот е навистина неверојатна.
Многу одамна, кога истражувачите за прв пат проучувале како мечките хибернираат, често наоѓале маса на неидентификуван материјал во нивните црева, но претпоставувале дека се работи за растенија, влакна од самата мечка и други работи кои тешко се варат. Се сметало дека чудната исхрана на мечките им овозможувала на некој начин да го „измијат“ дигестивниот тракт и да создадат „ректална затка“ што буквално го блокирала новиот фецес до пролет.
Но, едно поново истражување открива дека мечките не јадат посебна храна за да ја создадат оваа фекална затка, туку дека цекретите во цревата и клетките продолжуваат и за време на хибернацијата и создаваат фецес дури и кога мечката не јаде ништо.
„За време на тие пет до седум месеци кои ги поминуваат во своите дувла, фецесот се насобира во долниот дел на цревата и формира „затка“ од 3,8 до 6,4 см. во дијаметар. Фекалната затка е едноставно фецес кој останал во цревата толку долго време што ѕидовите на цревата ги апсорбирале течностите, па тој останал цврст и сув“, објаснува северно американскиот центар за мечки на својата веб страница.
Врз основа на видео снимки од дувлата на мечките, истражувачите покажаа дека причината поради која често се наоѓаат растенија и влакна во фецесот е тоа што мечките поминуваат долго време во чистење, при што јадат многу влакна од своето тело и растителни материи од подот на дувлото.