Ефектите од долгорочна употреба на марихуана

Ефектите на мозокот од долгорочната употреба на марихуана може да зависат од возраста на која поединецот прв пат ја конзумирал и од времетраењето на употребата, велат истражувачите на Универзитетот во Тексас, Далас.

Во студијата објавена во „Proceedings of the National Academy of Sciences“ (PNAS), истражувачите за прв пат целосно ги опишуваат абнормалностите во функционирањето и структурата на мозокот на долгорочните корисници на марихуана, со помош на магнетна резонанца.

Наодите покажуваат дека хроничните корисници на марихуана имаат помал волумен на мозокот во орбитофронталниот кортекс, дел од мозокот кој се поврзува со зависноста, но исто така на изненадување на научниците се прати зголемување на бројот на неврони како и бројот на невронски врски во мозокот.

Истражувачкиот тим проучувал 48 возрасни корисници на марихуана и 62 лица од исти пол и на иста возраст кои не користеле марихуана. Просечно, корисниците на марихуана кои учествувале во истражувањето ја конзумирале дрогата 3 пати дневно.

„Ова истражување комбинира три различни техники на магнетна резонанца за испитување на различни карактеристики на мозокот“, вели д-р Сина Аслан. „Резултатите покажуваат зголемено структурно и функционално поврзување на мозокот, што може да компензира за губењето на сивата маса. Но со текот на времето, односно со долгорочната употреба на марихуана, структурната поврзаност започнува да се намалува“.

Тестовите покажуваат дека најголемата структурна поврзаност се појавува на самиот почеток, кога поединецот почнува да користи марихуана. И покрај тоа што структурната поврзаност се намалува по 6 или 8 години постојано користење, сепак е поголема отколку кај оние кои не користат марихуана, што всушност ни објаснува зошто хроничните корисници изгледаат сосема добро, и покрај намалениот волумент на мозокот во орбитофронталниот кортекс.

Истражувањето нуди прелиминарни индикации дека сивата материја во орбитофронталниот кортекс е поосетлива на ефектите на делта-9-тетрахидроканабинол (ТХЦ), главната психоактивна состојка на канабис растението, отколку белата материја. Истражувањето, исто така, покажува дека долгорочната употреба на марихуана предизвикува сложени процеси кои им овозможуваат на невроните да се прилагодат и да компензираат за помалиот волумен на сивата маса.

Потребни се понатамошни испитувања за да се утврди дали овие промени се враќаат во нормала со неконтинуираната употреба на марихуана, дали слични ефекти се присутни кај повремените корисници и дали овие ефекти се навистина директен резултат од употребата на марихуана.

Поддржете ја нашата работа: