Ефектот на „Гугл“

Интернетот и социјалните медиуми го променија начинот на кој комуницираме и имаме пристап до информации. Фасцинирани сме од неверојатниот социјален експеримент во кој живееме во последнава деценија (и можеме да кажеме дека ако го читате ова, и вие сте дел од експериментот), пишува Стивен Новела во „Neurologica“.

Ние најверојатно се’ уште ги утврдуваме последиците од овие промени, и оние случајните, и оние со намера. Еден ефект, кој случајно е забележан, е дека многу луѓе мислат дека се експерти за нешто за што навистина не се, само поради тоа што се способни да „истражуваат“ на интернет. Демократизацијата на информациите доведе до лажно чувство на демократизација на експертизата.

Пристапот до информации е слободен, но нема систематски начин на кој јавноста ќе се научи како да ги искористи овие информации за максимална придобивка, а притоа да ги избегне најчестите стапици. Училиштата не се во тек со најновите технолошки достигнувања и не ги учат студентите како да управуваат со нивниот пристап до информации на интернет. Повеќето возрасни го завршиле формалното образование пред да започне бранот на социјалните медиуми.

Па, резултатот е „ефектот на Џени Меккартни“ – позната личност која мисли дека своето нестручно мислење може да го замени силниот консензус на стручно мислење за безбедноста и ефикасноста на вакцините, бидејќи таа „истражувала“. Таа е очигледен пример за тоа како барањето на информации на интернет може да даде лажна доверба во ненаучно мислење, илустрирајќи го фактот дека потпирањето на „Универзитетот Гугл“ може да биде исклучително погрешно. Тука има некои одредени стапици.

Првата е предмет на неодамна објавена серија на експерименти од страна на Метју Фишер, докторант на когнитивна психологија на Универзитетот Јеил. Тој особено го разгледувал ефектот на онлајн пребарување на информации и довербата која ја има лицето кое ги пребарувало тие податоци, во однос на неговото познавање на таа тема. Се подразбира дека доколку пребаруваме и читаме информации на одредена тема, тоа ќе ја зголеми нашата самодоверба за нашето знаење на таа тема. Фишер се обидел да контролира колку што е можно повеќе варијабли за да види дали постои независен ефект само на пребарување, без оглед на тоа како тоа влијае на нашето вистинско знаење.

Открил дека луѓето имале поголема доверба во своето знаење кога пребарувале одредена тема, наместо кога директно зборувале за истата, и тоа – кога немало релевантни информации на интернет на таа тема; кога пребарувањата биле филтрирани за релевантни информации и кога ја читале информацијата онлајн, наспроти во печатена форма. Па, дури и кога информациите биле контролирани, самиот чин на пребарување на интернет се чини дека ја зголемувал довербата за нечие знаење.

Овие типови на експерименти се сложени и треба да се разгледаат од различен агол, но досега се чини дека имањето на пристап до огромно знаење низ кое може да пребарувате (онлајн) ја зголемува проценката на сопственото знаење (без разлика на пристапот до релевантни информации).

Но, тука има и други ефекти меѓу кои главна е пристрасноста. Пребарувањето на интернет ни дава можност да пребаруваме низ огромно количество на информации и да ги селектираме (дури и несвесно) оние информации кои го потврдуваат она во што веќе веруваме или сакаме да веруваме. Пребарувајте информации за вакцините на интернет и ќе најдете многу кои ја подржуваат безбедноста и ефикасноста на вакцините, но и многу кои се противат на истите. Одберете која било контроверзна тема и резулатот ќе биде ист.
Пристрасноста е моќна и опасна особено бидејќи создава илузија дека податоците го поддржуваат нашето верување, бидејќи не сме свесни за степенот до кој сме ги филтрирале и селектирале тие информации.

Екстремната верзија на овој феномен е она што се нарекува „ехо соба“.  Филтрирањето на информации може да се формализира во интернет заедница каде што се изразува само една перспектива и се споделуваат информации кои ја поддржуваат таа перспектива, а сите останати се исфрлаат. Ова е многу моќен ефект и се среќава дури и кај научните сајтови.

Друг потенцијален проблем е забуната на знаењето со експертизата. Ова често води до занесеност – луѓето можеби се навистина паметни и имаат познавање, но доаѓаат до апсурдни заклучоци во кои имаат голема доверба. Проблемот со таквите лица е што не се вклучуваат правилно во интелектуалната заедница.

Многу е важно да се вклучиме во заедницата, особено во високо сложените и техничките области на знаење. Може да биде многу тешко за еден поединец да разгледа едно сложено прашање од различен агол и да ги разгледа сите перспективи. Доколку сме оставени сами на себе, ќе имаме тенденција да создадеме уреден расказ и се повеќе да се убедуваме во неговата вистина. Доколку се вклучиме во заедницата ќе имаме тенденција да го предизвикуваме тој расказ, што ќе доведе до подлабоко и посубтилно разбирање на таа тема. Ова е срцето на вистинската експертиза.

Заклучок

Интернетот може да создаде армија на самоуверени квази експерти. Постои начин за да се поправи овој проблем на индивидуално ниво:

  • Бидете скромни. Не мислете дека малку знаење ќе ве направи експерт. Почитувајте го мислењето на вистинските експерти. (Не мора да се согласувате со нив, но сфатете ги сериозно).
  • Сфатете ја предноста на консензус на стручно мислење наспроти мислењето на некој поединец.
  • Кога пребарувате на интернет, пребарувајте и информации спротивни на она во што вие верувате. Обидете се да слушнете (прочитате) што имаат сите да кажат и зачувајте го својот личен коментар се додека не сметате дека сте ги слушнале сите страни.
  • Разберете како пребарувањето на интернет е подесување на сопствената пристрасност. Самиот „Гугл“ може да ги селектира резултатите од вашите пребарувања (врз основа на вашата пристрасност, односно дотогашните пребарувања). Можете да ја исклучите таа функција.
  • Покрај пристрасноста, на интернетот постои и организирана пристрасност – „ехо соби“ , кампањи и разни идеолошки информации. Внимавајте на лажните информации и внимателно потврдете го изворот на информацијата пред да се потпрете на истата.
  • И за крај, како и секогаш, не постои замена за скептицизмот и критичкото размислување.
Поддржете ја нашата работа: