Ефикасноста на рибиното масло зависи од ДНК

Но, според едно истражување со кое биле опфатени жителите на Гренланд, не се сите луѓе во  состојба да ги искористат корисните својства од овие масни киселини. На оние кои немаат ист ДНК профил како овие цврсти луѓе, омега 3 масните киселини може воопшто да не им користат.

Инуитите од Гренланд живеат во многу екстремни услови. Температурите во зима се -20 степени Целзиусови, а нивната исхрана е ограничена и главно се состои од риба и морски цицачи. Сепак, жителите на Гренланд имаат помал ризик од срцеви заболувања од многу други жители во светот.

За да откријат зошто е тоа така, генетичарите од Универзитетот Беркли во Калифорнија направиле споредба на ДНК од 191 Инуит од Гренланд, со ДНК од 60 Европејци и 44 Хан Кинези.

Откриле дека постои разлика во ДНК најмногу на хромозомот 11. Конкретно, помеѓу гените кои ја контролираат преработката на прехранбените масни киселини во некои од градбените елементи во телото. Една ДНК база била иста речиси кај сите Инуити,  повеќето Европејци ја немале оваа база, додека кај Хан Кинезите ја имало само кај 15%.

Истражувачите потоа ги разгледале медицинсите досиеја на Инуитите, за да утврдат како оваа база влијае на масните киселини. Тие откриле дека ДНК кај Инуитите ја успорува  модификација на масните киселини во нивното тело. Не е јасно како оваа разлика води до помалку срцеви зболувања кај Инуитите, иако тоа би можело да биде заради изменетата мешавина на масните киселини (Телото ги прима, ги модифицира и потоа користи различни количини на масни киселини за различни намени). Со оваа разлика во композицијата на масните киселини, исто така би можело да се објасни зошто Инуитите се во просек за 2 см. пониски од Европејците, бидејќи масните киселини влијаат на хормонот за раст, кој ја одредува висината, истакнува Расмус Нилсен од Универзитетот Беркли.

Луѓето кои немаат ДНК како Инуитите, не можат да го добијат истиот протективен ефект од оваа супстанција, вели Нилсен.

Меѓутоа, Улф Гиленстен од Универзитетот Упсала во Шведска не е сигурен во  заклучоците на Нилсен. Во 2012 година, неговиот тим објави дека луѓето имаат различна форма на овие гени поврзани со масните киселини, од шимпанзата или од другите древни луѓе, што има овозможува да ги преработуваат масните киселини од растенијата многу поефикасно. Повеќето луѓе во светот денеска ја имаат оваа поефикасна верзија на гените. Но, тој смета дека бидејќи исхраната на Инуитите била секогаш богата со масни киселини, тие немале потреба од оваа поефикасна верзија, па ја задржале постарата верзија на гените.

И Нилсен и Гиленстен предвидуваат дека наскоро начинот на исхрана нема да се одредува според последните трендови и истражувачки наоди, туку преку персонализиран генетески профил.

„Свесни сме дека различни популации се адаптирале на различен начин на исхрана, па затоа тоа што е здраво за едно лице, не мора да е здраво и за другите луѓе. Потребно е да направиме персонализиран начин на исхрана, базиран на генетиката “, истакнува Нилсен.

Поддржете ја нашата работа: