Австралија има една од највпечатливите животни средини и жив свет во целиот свет, но само неколку среќници имаат можност да се доближат блиску до овие природни чуда.
За да ја сподели оваа убавина, Еколошкото друштво на Австралија организира годишен конкурс на фотографии кои ги споделуваат искуствата на најдобрите екологисти во Австралија.
Победниците се веќе објавени, меѓутоа со 440 фотографии, одлуките беа „неверојатно тешки“ – вели Алан Квок, екологист, фотограф и член на жирито.
Па, што е она што ја прави сликата победничка?
Според Квок, тоа е создавањето на истата емоционална поврзаност со флората и фауната која се чувствува при работата на отворено.
„Публиката треба да ја почувствува страста која ја имаме кога ги проучуваме растенијата и животните, а да се изрази тоа визуелно е прилично тешко, па секоја слика која ќе успее во тоа е навистина моќна“– вели тој.
Победникот за 2016–та година – „Eucalypt Galaxy“ од Ричард Димон, беше избрана поради едноставноста и способноста да побуди емоции.
„Ја имаше едноставноста и одушевувањето дека ние сме во една навистина прекрасна земја. Има чувство што е тешко да се опише, но прави да ја цениме земјата во која живееме“- изјавува Квок.
Категориите кои биле вклучени во натпреварот се: „надвор во полето“ која треба да ги покаже екологистите на работа, „линии и вдлабнатини“, кој вклучува фотографии кои го прикажуваат адаптивното однесување и биолошката разновидност на Австралија, и „под јужното небо“, односно фотографии од уникатните австралиски пејсажи.
Една нова категорија наречена „кога никој не гледа“ е додадена оваа година, и вклучува фотографии кои се направени со камери со далечинско управување, прикажувајќи неверојатни слики направени од животните кога нема никој наоколу.
„Апаратите со далечинско управување станаа многу ефективен начин за следење на дивиот свет, со што се доловуваат интеракции меѓу животните кои никогаш не би можеле да ги видиме во живо. Тие може да ни покажат многу таинствени моменти помеѓу животните и се многу моќни за научниците бидејќи не постои вмешување од страна на човекот“ вели Квок.
Еколошкото друштво не само што сака јавноста да ја види оваа разновидност на екосистемот на Австралија, туку, исто така, и подобро да ја разбере работата на екологистите.
„Доколку немаме шанса да доживееме нешто, тешко ни е да го цениме тоа. Како екологисти, сакаме да ја охрабриме пошироката јавност да се заинтересира за природниот свет, а фотографијата е еден начин за тоа“– додава тој.
Некои од останатите финалисти: