Холандската влада објави дека сака да даде дозвола за одгледување на човечки ембриони во лабораторија „под строги и лимитирани услови“ за научни истражувања, а со тоа да им дадат надеж на паровите да зачнат.
Холандската министерка за здравство Едит Шиперс изјавила дека „сака да дозволи креирање на ембриони за научни истражувања и под многу строги услови, за да им даде на луѓето можност за (здрави) деца“.
„Истражувањето мора да биде поврзано со неплодноста, со техниките за вештачко оплодување, со наследните или вродените заболувања“- се додава во соопштението.
Ова особено ги вклучува луѓето кои станале неплодни откако се лекувале од рак во рана фаза.
Холандија ќе го смени законот за ембрионски истражувања, кои досега дозволуваа тестирања на ембриони кои биле отфрлени при процедурите за ин витро оплодување.
Таканареченото „правило на 14-тиот ден“, кое вели дека човековите ембриони не можат да бидат култивирани во лабораториски услови подолго од две недели, исто така строго ќе се почитува, се вели во соопштението.
„Досега, забраната за култивирање на ембриони ги попречи истражувањата кои би можеле да помогнат во лекувањето на болести од краток и среден рок“- се додава понатака во соопштението.
Ова вклучува разни наследни заболувања, како што се митохондријалните болести кои ги напаѓаат клетките во телото.
Велика Британија оваа година за прв пат ја даде својата лиценца за генетска модифиција на човечки ембриони на проект за помош на жени кои се борат да забременат.
Со оваа одлука Велика Британија стана една од првите земји во светот која дала ваков вид на овласувања за една од новите граници во науката, а следуваше после повеќемесечна расправа во регулаторната комисија за ембриологија.
Претходно овој месец, научниците од САД известија дека израснале човечки ембрион во лабораторија од речиси две недели, што за прв пат го предизвика правилото за 14-тиот ден, од едноставна причина што никој досега не успеал да одржи живи ембриони толку долго.
Научниците потоа ги уништиле ембрионите за да не го прекршат правилото за лимит од две недели.
Извор: „The Guardian“.