Делот од мозокот кој служи како физички извор за чувството на депресија е идентификуван со најновите податоци од магнетна резонанца кои покажуваат дека депресијата не е само состојба на умот.
Научниците го скенирале мозокот на повеќе од 900 луѓе, и резултатите покажуваат дека чувството на загуба и ниско самопочитување се поврзани со функционирањето на орбитофронталниот кортекс – регион од мозокот поврзан со сетилна интеграција, очекувања и донесување на одлуки.
За да ги изолираат мозочните механизми кои се вклучени во депресијата, научниците регрутирале 909 луѓе од Кина да учествуваат во скенирање на мозокот со магнетна резонанца, од кои 421 биле дијагностицирани со големо депресивно нарушување, односно депресија, а останатите 488, кои немале депресија, служеле како контролна група.
Скенирањата покажале дека депресијата е поврзана со нервната активност на два различни дела од орбитофронталниот кортекс – средниот и страничниот дел од кортексот.
Средниот кортекс станува активен кога ќе добиеме некаква награда. Со други зборови, кога ќе ни се случи нешто убаво и ние се чувствуваме добро за тоа. Но, научниците откриле дека кај учесниците со депресија има послаба нервна врска помеѓу средниот кортекс и системите за меморија на мозокот во хипокампусот. Се’ уште не се јасни импликациите на ова, меѓутоа тоа би можело да значи дека на луѓето со депресија им е потешко да пристапат до и да се сетат на среќните или позитивните моменти.
Исто така, кај нив, истражувањата покажале посилна нервна врска околу страничниот кортекс – кој е вклучен во обработката на „ненаградените“ исходи, како што се на пример казните. Овие посилни врски биле поврзани со делови од мозокот вклучувајќи го „precuneus“ кој се смета дека е одговорен за чувството за себеси и „angular gyrus“ кој е одговорен за враќањето на меморијата и вниманието.
Сето ова укажува на зголемена мозочна активност околу страничниот кортекс што би можело да значи дека на луѓето со депресија им е полесно да ги доживеат негативните искуства, а им е потешко да се чувствуваат добро за себеси.
Со споредувањето на нервната активност на депресивните пациени кои земале лекови за нивната состојба со пациенти кои не се лекувале, научниците откриле дека функционалната поврзаност на страничниот кортекс била пониска кај оние кои примале некакви лекови.Ова ни укажува дека постојните антидепресиви сепак имаат позитивен ефект на овој дел од мозокот.
Подоброто разбирање на основните физички причини за депресијата може да направи голема разлика во борбата против оваа болест, бидејќи сегашната метода на третман (испробување на еден лек по друг, се додека еден не успее) не е ефикасна, со неуспех на околу 50 проценти од сите првични лекови кои биле препишани .
Па така, со уште еден доказ дека депресијата, и менталната болест воопшто,– не претставува само состојба на умот, истражувањето може да не доведе до нови лекови кои конкретно ќе целат на орбитофронталниот кортекс и неговите два под-региони.
Овие наоди се објавени во „Brain“.