Јаткастите плодови го намалуваат ризикот од смрт

Мажите и жените кои јадат барем 10 грама јаткасти плодови или кикирики дневно го намалуваат ризикот од смрт од неколку главни причини за смрт, за разлика од луѓето кои не ги јадат истите. Намалувањето на ризикот најмногу се забележува кај респираторните, невродегенеративните заболувања и дијабетесот, а потоа следат ракот и кардиоваскуларните болести. Заштитните ефекти се подеднакво изразени и кај мажите и кај жените.

Додека и кикириките и останатите јаткасти плодови покажуваат скоро еднакво дејство во намалувањето на смртноста, путерот од кикирики сепак нема такви ефекти – покажуваат наодите од истражувањето направено од Универзитетот Мастрихт.

Истражувањето било направено во рамките на групна студија во Холандија, која се спроведува од 1986 година и со која се опфатени 120 000 Холанѓани, и мажи и жени, на возраст помеѓу 55 и 69 години. Истражувачите ја анализирале оваа релација и со општите и специфични причини за морталитет, почнувајќи од 1986 година.

Поврзаноста на кикириките и останатите јаткасти плодови во намалувањето на смртноста од кардиоваскуларните заболувања е потврдена и порано од американски и азиски истражувања, кои најчесто биле фокусирани на овие заболувања. Меѓутоа, ова ново истражување покажува дека и смртноста како последица на рак, дијабетес, респираторни и невродегенеративни заболувања, исто така била намалена кај луѓето што ги конзумирале овие намирници.

Истражувачите велат дека значително намалување на смртноста се забележува со внес од просечно 15 грама јаткасти плодови дневно (околу половина шака). Зголемениот внес пак, не доведува до дополнително намалување на ризикот. Ова е потврдено и преку мета-анализа на претходно објавени истражувања, заедно со групната холандска студија, кога се работи за ракот и респираторните заболувања.

Кикириките и останатите јаткасти плодови содржат голем број различни состојки, како што се мононезаситени и полинезаситени масни киселини, разни витамини, влакна, антиоксиданти и други биоактивни компоненти, кои веројатно допринесуваат за намалување на стапката на смртност. Путерот од кикирики, покрај тоа што има кикирики, содржи и други додатоци, како сол и растителни масла, а познато е дека содржи и транс масни киселини, па оттаму и составот на путерот од кикирики е различен од самите кикирики. Негативните здравствени ефекти на транс мастите можат да ги инхибираат заштитните ефекти од кикириките.

Поддржете ја нашата работа: