Сѐ поголемиот број на супербактерии кои се отпорни на повеќето антибиотици се резултат на повеќе фактори. Една од причините е употребата на ниски дози на антибиотици што фармерите му го даваат на добитикот, како и остатоците од антибиотици кои остануваат во домашната прашина после употребата на средствата за чистење. Но, главниот фактор , секако е прекумерната употреба на антибиотиците од страна на луѓето.
Во контекст на ова, еве неколку состојби при кои не би требало да посегнуваме по антибиотици.
Инфекции на синусите
Ова се едни од најчестите инфекции, со голем број различни симптоми, меѓу кои главоболки, болки во лицевата регија, болно грло и затнат нос.
Иако се многу непријатни, антибиотиците не се добар избор за третман на овие инфекции. Покрај тоа што инфекциите на синусите се предизвикани од вируси против кои антибиотиците не делуваат, тие најчесто поминуваат сами од себе за околу една недела.
Настинка и грип
Најголемиот број на причинители на овие состојби се вируси, значи отпорни на антбиотици. Иако антибиотиците нема да ја влошат состојбата на болниот ако ги користи (иако сите имаат несакани ефекти), нивната честа злоупотреба ја зголемува резистенцијата на бактериите кон антибиотиците на глобално ниво. И покрај тоа што едно истражување од 2016 година покажува дека 30 проценти од препишаните орлни антибиотици биле непотребни, оваа бројка изнесува 50 проценти кога се работи за акутните респираторни инфекции, како што се настинките и грипот. Слично како и инфекциите на синусите и акутните респираторни инфекции поминуваат сами од себе, независно од што се предизвикани. Истото важи и за инфекциите на увото.
Кога треба да се земаат антибиотици?
За жал, нема брз и сигурен начин да се одреди кога антибиотици се одличен третман, со исклучок на уринарните инфекции, бидејќи тие најчесто се предизвикани од бактерии.
Доколку докторот се посомнева дека се работи за бактериска респираторна инфекција, како што е стрептококна инфекција на грлото, обично се прават лабораториски тестови за да се потврди бактериската инфекција. За овие тестови се потребни неколку дена, а за тоа време, можно е инфекцијата веќе да поминала.
Докторите често препишуваат антибиотици за настинки и инфекции на увото поради притисокот од пациентите веднаш да им понудат некакво решение. Затоа наместо да го притискате докторот да ви го препише „лекот за сѐ“, најверојатно ќе биде подобро да побарате нешто со што ќе се справите со симптомите, како против болките и затнатиот нос.
Доколку ви бидат препишани антибиотици, користете ги како што ви е препорачано, без оглед дали вие сметате дека веќе не ви се потребни. Отпорноста кон антибиотиците се јавува не само кога прекумерно се користат, туку и кога недоволно се користат. Бактериите кои нема да бидат уништени, бидејќи не е користена целата доза, можат да станат отпорни, од што може да настане двојна штета – не само што може повторно да се разболите од нив, туку и антибиотиците нема повторно да делуваат.