Како да се заштитиме од болестите на миленичињата?

Истражувачите од Државниот универзитет во Охајо ги собрале најновите информации од повеќе од 500 истражувања низ светот со цел да им дадат препораки на семејствата како да го намалат ризикот од болести од нивните миленичиња, со тоа што ќе го одберат вистинското милениче или пак ќе направат мали промени во начинот на кој го чуваат она што веќе го имаат.

 

Салмонела, E. коли и цевчестите црви се најчестите меѓу речиси 20 различни болести кои луѓето ги добиваат од миленичињата, објаснува Џејсон Стал, асистент професор по ветеринарна превентивна медицина на Универзитетот во Охајо. Децата, постарите лица, бремените жени и лицата со ограничена функција на имунолошкиот систем се изложени на најголем ризик.

Со оглед на тоа дека различните видови на миленичиња – кучиња, мачки, риби, птици, рептили, глодари и сл. носат различни видови на болести, Стал и неговите колеги предложуваат семејството да разговара со нивниот доктор и со ветеринар за тоа кое милениче е најбезбедниот избор за нив. Поентата не е само да се чува миленичето, треба да се одбере вистинскиот вид за вистинскиот човек и да се преземат соодветни мерки на претпазливост.

Покрај тоа, треба да се разговара повеќе на таа тема. Стал смета дека докторите треба да се информираат за здравствените ризици од чувањето на одредено милениче, особено за пациентите со слаб имунолошки систем (како на пример оние заболени од рак) и затоа тие треба да соработуваат со ветеринарите. Животните најчесто ги шират болестите преку изметот, плунката или кожата. Миленичињата како на пр. желки, змии, жаби, природно носат Салмонела во дигестивниот тракт. Откако ќе ги допрете, задолжително измијте си ги рацете.

Општи препораки за намалување на преносот на инфекции кај ранливите групи:

  • носете заштитни ракавици при чистењето на аквариумите или кафезите и при отстранувањето на изметот
  • соодветно мијте ги рацете после секој контакт со миленичето
  • не дозволувајте да ве лиже по лицето
  • редовно чистете и дезинфицирајте ги местата каде што тие спијат и јадат
  • сместете ги подалеку од местото каде што јадете и ја приготвувате храната
  • избегнувајте контакт со поегзотичните животни
  • не земајте милениче се додека не ви се подобри имунитетот
  • редовно одете на ветеринар за сите миленичиња

Миленичињата се многу добри за луѓето во однос на менталното, физичкото и емоционалното здравје. Но, истовремено можат да ни пренесат и болести. Затоа, докторите, ветеринарите и јавноста мора да соработуваат за да се осигураме дека придобивките ќе ги надминат ризиците.

Прегледот е објавен во „CMAJ“ (The Canadian Medical Association Journal).

Поддржете ја нашата работа: