Сега, едно ново истражување открива дека ние всушност многу малку знаеме за ова северно „чудовиште“.
Авторите сметаат дека ова истражување претставува прва сеопфатна слика за тоа како исчезнува мразот на Гренланд. Тоа сугерира дека постоечките теории се премногу едноставни за точно да се предвиди порастот на морското ниво и дека може да дојде до исчезнување многу порано од предвиденото.
Информациите за промените на глечерите во изминатата деценија се од суштинско значење за развој и оценување на нумеричките модели кои предвидуваат како мразот може да се менува и да влијае на нивото на морињата во текот на следните неколку стотици години.
Во огромниот проект се користени сателитски и воздушни податоци од вселенското летало на НАСА, „ICESat“, и од кампањата „IceBridge“ со цел да се реконструираат промените на висината на мразот на Гренланд во скоро 100.000 локации од 1993 до 2012 година. Исчезнувањето на мразот се одвива на еден комплексен начин, со топење и отцепување во морињата и океаните.
Истражувањето има 2 главни заклучоци:
1. Обезбедени се нови увиди за загубата на мраз на годишно ниво, во висока просторна резолуција.
2. Новите модели успеваат прецизно да измерат како и колку мразот на Гренланд се менува. Оваа точка е од клучно значење за моделирање на климатските промени.
Досега, симулирана е активноста на четири добро познати глечери „Јakobshavn“, „Helheim“, „Kangerlussuaq“ и „Petermann“ за да се предвиди колку мраз се одлива во океаните.
Но, новото истражување покажа дека активноста на овие четири локации можеби не е соодветен показател за она што вистински се случува со глечерите. Локалната клима, геолошките услови илокалната хидрологија имаат ефект, а не се земаат во предвид.
Тимот идентификувал области каде што мразот брзо се намалувал во југоисточниот дел на Гренланд. Ова води до верување дека мразот исчезнува побрзо од очекуваното.
Резултатите беа објавени на 15 декември во „Proceedings of the National Academy of Sciences“.
Колку мраз губи Гренланд?
Анализата покажа дека Гренланд има загуба од околу 243 метрички гигатони мраз годишно, што е еквивалентно на околу 277 кубни километри мраз годишно, од 2003 до 2009 година, период за кој тимот има најмногу сеопфатни податоци. Овие загуби се проценува дека додале околу 0,68 милиметри вода во океаните на годишно ниво. Бројките се просечни, загубата на мраз варира од година во година и од регион до регион.
Зошто предвидувањата за порастот на нивото на морињата и океаните имаат недостатоци?
Затоа што глечерите различно реагираат на глобалното затоплување. Не значи дека ако температурата се зголеми, мразот ќе се стопи. Некои од глечерите на Гренланд дури и се задебелуваат кога температурата се зголемува. Други, забрзано се истенчуваат. Некои пак, и двете, со ненадејни пресврти.
Факторите кои би можеле да влијаат на различните реакции се температурата на океанот, нивото на триење помеѓу глечерите и тлото, количината на вода под глечерите и геометријата на фјордовите. „Физиката зад овие процеси се’ уште не е јасна“, истакнуваат научниците.