На научниците веќе им е познато дека мирисот, видот и топлината се клучни за комарците да го пронајдат својот следен оброк, но новите истражувања за прв пат ја опишуваат различната улога на сите три.
Биолозите го снимале движењето на гладни комарци во воздушен тунел и притоа поставиле јаглероден диоксид (CO2), црна дамка на подот на тунелот и загреана стаклена плоча која инаку била невидлива. Така, можеле да видат како комарците реагираат на тие три различни стимули (мирис, вид и топлина).
Откриле дека комарците го користат видот само откако претходно ќе детектираат мирис кој укажува на присуството на домаќин во близина, односно веднаш ги привлекувало испарувањето на CO2, слично на човечкиот здив, потоа се упатувале кон црната точка и откако ќе се приближеле ги привлекувала и топлината. „Тоа им помага да не го губат времето на лажни цели како карпи и вегетација“, вели Мајкл Дикинсон, главниот автор на истражувањето.
Истражувањето е објавено во „Current Biology“ и се заснова на претходни докази дека мирисот е од клучно значење за комарците да го лоцираат својот следен оброк. Мирисот на телото, на пример, може да игра улога во тоа како избираат една жртва во однос на друга.
Но, комарците особено добро можат да намирисаат CO2 кој е високо концентриран во здивот на животните со чија крв се хранат – како луѓето. Тие можат да го почувствуваат издишаниот воздух на далечина од 50м.
Така, научниците развиле три фази на стратегијата на ловење на комарците:
- на растојание од 10 до 15 м. го користат мирисот, особено на CO2.
- на растојание од 5 до 15 м. ако веќе се привлечени од миризбата, ќе се упатат кон нешто што им е визуелно интересно
- на растојание од 1 м. од потенцијалната цел, се концентрираат на топлината на телото.
Сето ова значи дека е речиси невозможно да избегаме од комарците.