Вирусот Ебола е познат по тоа што брзо и ефикасно го исклучува имунолошкиот систем на домаќинот. Научниците веќе идентификуваа протеини во рамките на вирусот кои ја попречуваат реакција на имунолошкиот систем, но едно ново истражување оди уште подалеку и покажува дека вирусот Ебола исто така спречува и одредени клетки-убијаци од имунолошкиот систем да го нападнат истиот.
Претходните истражувања идентификуваа две протеински региони во рамките на структурата на вирусот Ебола кои се наречени „interferon inhibiting domains“. Токму овие се одговорни за оневозможувањето на имунолошкиот систем на домаќинот.
Новото истражување, објавено во „PLOS Pathogens“ покажува дека овие региони исто така ја попречуваат активноста на Т-лимфоцитите и клетките-убијци (кои се одговорни за убивањето на клетки инфицирани од вируси), како и Б-лимфоцитите (кои лачат антитела), се вели во соопштението од медицинската филијала на Универзитетот во Тексас.
Истражувачите создале лабораториски верзии на Ебола за да испитаат како точно вирусот го попречува или оневозможува нашиот имунолошки систем. Тие проучувале генетски модифицирани видови на вирусот со едниот или со двете протеински региони, за да разберат како тие делуваат и што му прават на домаќинот.
Откриле дека тие не само што функционираат на начините кои претходно биле утврдени, што вклучуваат попречување на заштитните биохемиски реакции кои се случуваат во клетките како реакција на Ебола за да ја ограничат инфекцијата, туку тие исто така ја попречуваат активноста на клетките на имунолошкиот систем, вклучувајќи ги Т-лимфоцитите и природните клетки-убијци кои ги уништуваат клетките инфицирани со вируси, како и Б-лимфоцитите кои лачат антитела.
Протеинските региони се исто така одговорни за поттикнување на размножувањето на вирусот во домаќинот.
Според Центрите за контрола и превенција на болести, Ебола се пренесува преку директен контакт со крв или телесни течности, кои вклучуваат (но не се ограничуваат на) урина, плунка, пот, измет, повраќаница, мајчино млеко и сперма.