Харон, една од месечините на Плутон, првенствено е позната по својот чуден изглед на површината која е исполнета со долини и ридови, кои прават таа да изгледа како да има лузни. Научниците на НАСА сметаат дека овие чудни формации може да се предизвикани од антички подземен океан кој многу одамна се замрзнал и се проширил.
Според истражувачите, кои почнале да ја проучуваат чудната тектоника на Харон кога вселенското летало „Нови Хоризонти“ минатата година прелета над Плутон, како што внатрешната температура се намалила, така месечината брзо се проширила. Оваа експанзија предизвикала ледената површина да се растегне и да се распука создавајќи долини многу поголеми од Големиот Кањон.
Во суштина, кога Харон била млада месечина, имала длабоки океани под површината кои кога замрзнале се прошириле, исто како што се прошируваат коцките мраз во замрзнувачот.
Со оглед на тоа што огромна количина на мраз се формирала толку одеднаш, површината на месечината не можела да го издржи притисокот и испукала.
Истражувачите дошле до оваа теорија по проучување на сликите со висока резолуција кои ги направи „Нови Хоризонти“ на 14 јули 2015 година, на оддалеченост од 78.700 километри. Тие се фокусирале на една од најголемите долини, позната како „Serenity Chasma“ која се протега долж еквадорот на Харон.
Истражувачите нагласуваат дека ова е всушност една од најголемите пукнатини во целиот Сончев систем и е 1.800 километри долга, а 7,5 километри длабока. За споредба, Големиот Кањон е 446 километри долг и нешто повеќе од 1,5 километри длабок.
Се’ уште не е јасно како овие откритија ќе влијаат на испитувањето на другите месечини и егзопланети, но во секој случај ќе и помогнат на НАСА и на другите организации за подобро да разберат како се формираат и се менуваат ледените планети со текот на времето.