Сѐ што постои има свој крај. Така и животот на Земјата со сигурност еден ден ќе исчезне. Но, уште колку време му преостанува?
Од фосилните остатоци може да се заклучи дека животот на Земјата постои најмалку 3,5 милијарди години. За тоа време го преживеал Леденото доба, „удари“ од вселената, масовни труења, па дури и смртоносна радијација. Очигледно, тешко е сосема да се „очисти“ планетата. Сепак, потенцијални причинители за апокалипса има многу. Кој од нив ќе му стави крај на животот на Земјата?
Вулканска апокалипса
Временска рамка: 0 – 100 милиони години? Можеби?
Веројатно најблиску до својот крај животот на Земјата се наоѓал пред околу 250 милиони години, за време на големото изумирање- Перм Тријас. За време на овој настан биле збришани 85% од видовите на површината и 95% од подводните видови.
Никој не знае што точно се случило, но се чини дека изумирањето коинцидира со вулканска активност со апокалиптични размери. Денеска не плаши разорната сила на супервулканите како Јелоустон, но штетата што тие можат да ја направат е ништо во споредба со она што се случило пред 250 милиони години. Во тоа време Сибир се соочил со толку голем и непрекинат период на активност што лавата прекрила област осум пати поголема од Велика Британија. Вулкански активности од вакви размери се ретки, но не и непознати. „Епизоди со слични размери се случиле и пред 200, 180 и 65 милиони години така што не се „страшно редовни“ – вели Хенрих Свенсон од Универзитетот во Осло, Норвешка.
Истражувачкиот тим на Свенсон сугерира дека способноста на мега ерупциите да ги збришат видовите ќе зависи од тоа каде тие ќе ја пробијат Земјината кора, бидејќи вулканската активност пред 250 милиони години можеби не била главната причина за масовното изумирување. Можеби главната состојка-убиец била солта. Сибир е богат со депозити од сол. Кога тие биле испечени од вулканската активност, ослободиле огромни количини хемикалии кои го уништиле озонот во атмосферата, смета Свенсон. Сите видови во светот морале да се справат со штетната радијација од вселената, што атмосферскиот озон нормално ја апсорбира. Овој стрес веројатно бил погубен за повеќето од видовите.
За жал, на Земјата и сега постојат огромни депозити од сол. Источен Сибир и сега е меѓу најголемите резервоари, како и крајбрежјето на Бразил – вели Свенсон. Ако се случи мега ерупција во некоја од таквите области, многу видови ќе изумрат. Но малку е веројатно дека целиот жив свет ќе исчезне. Впрочем, и за време на периодот Перм Тријас кога многу растенија и животни изумреле, едноклеточните организми како бактериите, поминале речиси неоштетени.
Опасност од астероид
Временска рамка: во рок од 450 милиони години, можеби?
Општо е познато дека астероидите и диносаурусите не се сложуваат најдобро. Ако масивен астероид допринел да исчезнат сите огромни диносауруси, може ли еден таков, исто така, да го збрише целиот живот на Земјата?
И повторно, многу е важно каде ќе удри тој камен. Познато е дека Земјата досега ја погодиле повеќе големи астероиди, кои едвај биле забележани како можни уништувачи.
Кратерот Маникоаган (Manicouagan) во Канада, еден од најголемите кратери на Земјата, бил создаден од удар од астероид пред околу 215 милиони години, но доказите од фосилите покажуваат дека тоа не поттикнало изумирање на диносурусите од толкави размери. Веројатно затоа што кратерот се формирал во релативно инертна кристалеста карпа. Кратерите што се формираат во испарливи седиментни карпи може во атмосферата да испуштаат облаци од гасови кои предизвикуваат климатски промени, поттикнувајќи на тој начин масовно изумирање.
За среќа, удари од размери како оние што ги уништиле диносаурусите се ретки и таков голем удар може да ја погоди Земјата еднаш во 500 милиони години. Дури и да биде погодена Земјата, потполно уништување на живиот свет би настанало само ако ударот биде од нешто многу поголемо од астероид – од некоја абнормална планета. Некои научници сметаат дека Земјата била погодена од таква планета непосредно по нејзиното формирање што резултирало со облак од отпад од кој се создала Месечината. Сепак, ваквата можност се чини прилично далечна.
Кога земјиното јадро ќе се стврдне
Временска рамка: 3 до 4 милијарди години
Во 2003 година се појави филмот „The Core“ (Јадро). Приказната во филмот е дека Земјиното јадро мистериозно престанало да ротира, па Владата на САД поддржува план за дупчење до центарот на Земјата за да го рестартира, бидејќи без активно јадро Земјата го губи магнетното поле и целиот живот е загрозен.
Филмот е главно бесмислици и со право беше предмет на потсмев од научниците. Меѓутоа, не сите научници мислат така. Некои истражувачи навистина сметаат дека Земјиното магнетно поле ги одбива јонизирачките честички од Сонцето, кои инаку би ја одвеале Земјината атмосфера. Ако се во право, тогаш без магнетно поле нашата планета ќе ја изгуби и атмосферата и целиот живот ќе изумре.
Нешто вакво можеби се случило на Марс, која некогаш можеби била многу попогодна планета за живот отколку што е сега. Во 1997 г. Џозеф Киршвинк и неговите колеги од Калифорнискиот технолошки институт во Пасадена, открија дека Марс некогаш имал и го изгубил магнетното поле.
Сигурно веќе сте слушнале дека Земјиното магнетно поле слабее. Но нема причина за загриженост, затоа што Земјиното магнетно поле е во процес на менување на правецот, а не на умирање. Вакви промени периодично се случуваат веќе милиони години.
Но, може ли магнетното поле на Земјата потполно да исчезне? Не во блиска иднина, вели Ричард Харисон од Универзитетот Кембриџ во Велика Британија. За да се случи тоа, јадрото би требало целосно да се стврдне. Засега само внатрешното јадро е цврсто, додека надворешното е течно. Внатрешното јадро расте околу еден милиметар годишно, а течното надворешно јадро е дебело околу 2 300 км – вели Харисон.
Гама зрачење
Временска рамка: Во близина се наоѓа една бинарна ѕвезда што се нарекува „WR 104“, која може да продуцира вакво зрачење еднаш во 500 000 години, но и да се случи тоа, постојат добри шанси да не промаши.
Дали сме сами во универзумот? Ако не сме, зошто досега не сме воспоставиле контакт со некоја вонземска цивилизација? Можеби за тоа е виновен уште еден уништувач на живот – интензивни бранови на зрачење, наречени гама зраци.
Овие зраци се создаваат при интензивна експлозија во вселената, како на пример кога ќе експлодира џиновска ѕвезда, или кога ќе се судрат две ѕвезди. Можат да бидат како делови од секунда или да траат неколку минути. Теоретски овие зраци можат да ја уништат Земјината озонската обвивка изложувајќи го на тој начин животот на површината на смртоносното ултравиолетово зрачење од Сонцето.
Многу области во вселената можеби се непогодни за живот поради тоа што често се погодени од овие зраци, според истражувањето објавено во 2014 година од страна на Раул Хименез од Универзитетот во Барселона, Шпанија. Но се чини дека нашето соседство е „ОК“. Гама зрачењето се случува почесто во близина на центарот на галаксијата и во региони каде ѕвездите се густо збиени, а нашата планета е далеку и од двете.
Се смета дека Земјата била изложена на повремени гама зрачења како во периодот на уништувањето „Ордовик-Силуриан“ , што според некои научници било предизвикано од гама зрачење. Дури и да е вистина, ова не било ни приближно до потполно уништување на животот на Земјата. И покрај тоа што постојано се појавуваат предупредувања дека смртоносните гама зраци еден ден ќе го збришат животот на Земјата, малку е веројатно дека некој од блиските извори поседува доволен потенцијал да го предизвика тоа.
Има уште добри вести околу ова. Според пресметките на Џејмс Анис од „Фермилаб“ во Батавија, Илиноис, просечните галаксии ќе доживуваат помалку гама зрачења, само 5 до 50 на милијарда години. Бидејќи Млечниот Пат е голема галаксија, шансите некое да стигне до Земјата се многу мали. Дури и некое зрачење да ја погоди Земјата, Анис смета дека животот на Земјата нема да биде потполно уништен, бидејќи морската вода е одлична заштита од радијацијата. Тој смета дека луѓето би биле уништени, но голем дел од живиот свет, особено од длабоките океани би преживеал.
Номадски планети
Временска рамка: Веројатно во следните еден милион години
Милијарди години планетите во нашиот сончев систем „складно“ се движат околу Сонцето. Но, што ќе се случи ако некоја друга планета се „стркала“ помеѓу нив. Ова можеби изгледа невозможно, но во февруари 2015 г. истражувачите од Универзитетот Рочестер во Њујорк, објавија дека вакво нешто веќе се случило и тоа прилично скоро.
Пред само 70 000 години, црвената џуџеста планета наречена Шолцова ѕвезда поминала во близина на надворешната граница на сончевиот систем во областа што се нарекува Ортов облак. Шолцовата ѕвезда не е, а нема ни да биде единствената што поминала низ сончевиот систем. Научниците идентификувале и други ѕвезди што се „на пат“ да се судрат со сончевиот систем, во следните неколку милиони години. Исто така во февруари 2015 г. научниците од Институтот Макс Планк од Хајделберг , Германија, укажаа на две планети кои може да бидат проблематични. „Хип 85.605“ ќе биде во нашето соседство за околу 240 000 до 470 000 години, додека „ГЛ 710“, ќе пристигне за околу 1,3 милиони години. Може ли тие да го загрозат животот на Земјата?
Со еден збор – не. Иако можат да предизвикаат некои нарушувања во Ортовиот облак, тоа не значи дека Земјата ќе настрада – велат научниците.
Теоретски, работите би станале опасни ако некоја голема номадска ѕвезда предизвика супернова, поминувајќи низ Ортовиот облак и испушти гама зраци во внатрешноста на сончевиот систем. Колку е поблиску суперновата, толку зрачењето е поголемо. Тоа би можело да предизвика вистинска штета, но шансите да се случи таква „совршена бура“, се исклучително мали, велат научниците.
Хипотезите на научниците за загрозеноста на животот на Земјата како да немаат крај. Месецот февруари 2015 година беше посебно „апокалиптичен“ – се појави уште една студија која сугерира дека треба да се загрижиме за мистериозната „црна материја“ во нашата галаксија. Навистина не би требало да се грижиме, со оглед на тоа дека многу малку знаеме за тоа што претставуваат честичките од црната материја и не знаеме како и дали тие би се анулирале за да создадат енергија – велат истражувачите од Универзитетот во Рочестер.
Крајниот заклучок од сите овие истражувања е дека всушност нема веродостоен причинител надвор од сончевиот систем што може да го избрише животот на Земјата во следните неколку милијарди години. Сигурно постојат организми кои би ја преживеале речиси секоја катаклизма, велат научниците.
Нема од што да се плашиме – освен од самиот живот
Временска рамка: 500 милиони години
Сепак постои една деструктивна сила што е доволно моќна да ги „покоси“ сите видови. Најголема закана за животот е самиот живот – според Питер Вард од Универзитетот Вашингтон во Сиетл. Тој ова го нарекува „Медеја хипотеза“, по грчката митолошка фигура која ги убивала своите деца. Вард тврди дека најмасовните уништувања на Земјата биле предизвикани од самиот живот.
На пример, пред околу 2,3 милијарди години во атмосферата биле ослободени огромни количини на кислород од новите фотосинтетички форми на живот. Претходно не постоел слободен кислород и микробите на Земјата не можеле да се справат со тоа, по што следело масовно изумирање.
Потоа, пред околу 450 милиони години се појавиле првите растенија. Корените на растенијата го пробиле карпестиот слој во почвата, забрзувајќи ја хемиската реакција помеѓу минералите од карпите и јаглеродниот диоксид од атмосферата. Ова го одзело јаглеродниот диоксид од атмосферата и ги ослабнало ефектите на стаклена градина што го предизвикало смртоносното ледено доба.
Во подалечна иднина, вакви ефекти би можеле да бидат причина за потполно уништување на животот на планетава, вели Вард. Сонцето со годините станува сѐ пожешко, а како последица на тоа ќе се загрее и Земјата. Тоа значи дека хемиските реакции помеѓу карпите и јаглеродниот диоксид ќе се забрзаат, а процесот ќе биде забрзан уште повеќе од активноста на корените од растенијата. На крај толку многу јаглерод диоксид ќе се отстрани од атмосферата што растенијата не ќе можат да ја извршуваат фотосинтезата. Сите растенија ќе изумрат, а брзо после тоа и животните. Ова може да се случи изненадувачки брзо, вели Вард, веројатно за само 500 милиони години.
Се’ уште ќе има преживеани микроби, но ќе бидат ранливи. Кога ќе спаднете на само неколку микроорганизми, а немате јак систем, тогаш и мали физички пореметувања можат да доведат до потполна стерилизација.
„Веројатно ќе бидат потребни повеќе „убијци“ да делуваат во исто време за да се уништи целиот живот на Земјата. Тоа може да биде голем удар, блиска супернова или замрзнување на јадрото. Ниеден од овие фактори не може самостојно да го стори тоа, но ако животот веќе се намалил, едно вакво случување може да доведе до потполна стерилизација на Земјата“ – вели Вард.
Експанзија на Сонцето
Временска рамка: Помеѓу 1 и 7,5 милијарди години
Ако ништо од сето ова не не уништи, тоа ќе го стори Сонцето. Нашата матична ѕвезда не осветлува и го снабдува со енергија скоро се што е живо на Земјата. Но нема да биде вака пријателски засекогаш.
Сонцето станува сѐ пожешко и со време ќе стане доволно жешко да ја испари сета вода од океаните што ќе ги зголеми ефектите од стаклената градина и драстично ќе ја зголеми температурата. Овој процес би можел да започне за околу една милијарда години и би избришал се, освен најотпорните микроорганизми.
Но тоа не е сѐ. За приближно 5 милијади години отсега Сонцето ќе се зголеми и ќе стане огромен црвен џин. Во идните 7,5 милијарди години, неговата површина ќе помине каде што е сега орбитата на Земјата. Значи, зголеменото сонце ќе ја „голтне“ и ќе ја уништи Земјата.
Постојат сугестии дека Земјата може да го избегне ова. Со проширувањето Сонцето ќе изгуби маса, па Земјата би можела да се извлече, но пресметките направени во 2008 г. покажуваат дека ова нема да биде доволно Земјата да се спаси.
Ако е ова точно, единствената надеж лежи во нас самите. Ако се’ уште постојат луѓе, тие можеби ќе имаат технологија да ја поместат Земјата на сигурно. Во спротивно на Земјата и преостануваат најмногу уште 7,5 милијарди години живот.