Колку луѓето им веруваат на роботите?

Ова е важно прашање со оглед на тоа дека роботите сѐ повеќе се присутни во процесот на работата. За да можат успешно да работат заедно со роботите, потребно е луѓето да имаат доверба во своите роботски колеги, вели водачот на истражувањето Серена Ивалди од Францускиот институт за истражувања и роботски науки и автоматизација.

Истражувачите прво им поставиле прашања на волонтерите. Некои од прашањата биле едноставни како: „Кој од овие звуци е посилен“, или „Кој од овие предмети е потежок“. Другите прашања биле поспецифични, во кои се барало од лицето да одговори на пример, кој од два предмети е подобро да се земе за на плажа, или во дождлив ден.

Потоа на прашањата одговарал роботот. Неговиот одговор бил контролиран од друг истражувач и секогаш бил спротивен од одговорот на волонтерот. Откако ќе го слушнале одговорот на роботот, волонтерите биле запрашани дали сакаат да го сменат одговорот. Во повеќето случаи, волонтерите останале на својот одговор. На изненадување на истражувачите, некои од нив почнале да се однесуваат кон роботите како со луѓе, обидувајќи се да ги убедат да го прифатат нивниот одговор.

Некои од волонтерите сепак го смениле својот одговор, откако го слушнале одговорот од роботот. Тринаесет од нив имале тенденција да го прифатат нивниот одговор во врска со она што е мерливо, но само тројца ги прифатиле нивните одговори на социјалните прашања, што покажува дека роботите се сѐ уште далеку од тоа да бидат прифатени како авторитет. (arxiv.org/abs/1510.03678).

Еден од начините луѓето да бидат подоверливи кон роботите е појасно да се прикаже нивната функционалност, со што луѓето ќе имаат подобро чувство за какви задачи ќе може да им веруваат, вели Ивалди. Во комплицирани и стресни ситуации, ваквите информации можат да бидат многу значајни, особено ако роботот може да ја изврши работата подобро од човекот.

Поддржете ја нашата работа: