Колку можеме да издржиме без спиење?

Рекордот на најдолго неспиење го држи Ренди Гарднер кој во 1965 година на 17-годишна возраст учествувал во училишен проект и не спиел цели 11 дена, односно 264 часови.

Привидно, се чинело дека тој добро се справува со состојбата, во десетиот ден дури и го победил Вилијам Демент, истражувач од Универзитетот Стенфорд во игра на флипери. Но физиолошките и когнитивните тестови покажале дека не е така.

Како што се вели во видеото на „TED-Ed“, после само два дена неспиење, Гарднер имал проблем со фокусирање на очите, покажувал знаци на атаксија – не бил во можност да повтори лесна брзозборка и имал потешкотии да идентификува предмет само преку допир.

Според Џон Џ.Рос, истражувач од Невропсихијатрискиот истражувачки центар на морнарицата на САД, кој ги следел ефектите од овој експеримент, до третиот ден Гарднер станал нерасположен и некоординиран, а до петтиот ден почнал да халуцинира.

После тоа Гарднер имал проблеми со концентрацијата и краткорочната меморија и станал параноичен и нервозен. Стенли Холмс од„ Psychiatric Times“ опишува детали од наодите на Рос до 11-иот ден од експериментот.

„Безизразен изглед, нејасен говор без интонација; мора да се охрабрува да зборува за да  одговори. Намалено внимание и менталните способности“.

При броење наназад со последователно одземање на седум, а почнувајќи од 100, Гарднер стигнал до 65 (направил само пет одземања) и тука престанал. Кога го запрашале зошто застанал, тој тврдел дека не може да се сети што требало да направи.

Ефектите што ги доживеал Гарднер биле толку сериозни што Гинисовата книга на рекорди престанала да ги бележи и да ги охрабрува доброволните лишувања од сон. Ова објаснува зошто Гарднер успеал да ја задржи титулата „рекордер“ и покрај неколку други барања. Меѓу нив е и барањето на Џим Томас, студент од Државниот Универзитетот на Калифорнија во Фресно, кој наводно останал буден 266,5 часа и тоа само две недели после рекордот на Гарднер. Пред тоа во Гинисовата книга на рекорди бил забележан рекордот на Морин Вестон од Кембриџшир во Велика Британија која останала будна 449 часа за време на еден маратон во 1977 година.

Експериментот не предизвикал забележливи долгорочни физички и ментални пореметувања кај Гарднер. Но, познато е дека постојаниот недостаток на сон (помалку од препорачаните седум часа за возрасни и 10 часа за адолесценти), може да предизвика разни пореметувања – од висок крвен притисок, зголемување на телесната тежина, хормонални пореметувања, па до зголемен ризик од прерана смрт.

Погледнете го  видеото на „TED-Ed“ каде се објаснува зошто ни е потребно спиењето и што се случува во телото што ја зголемува опасноста од појава на мозочен удар за 4,5 пати, доколку не спиеме доволно.

Поддржете ја нашата работа: