Луѓето и предаторите можат да егзистираат заедно

Обновувањето на заедниците на големите диви животни, претставува голем успех во напорите да се зачува природата. На една третина од континентална Европа е присутен барем еден вид од големите месојади. Ова е одличен пример за тоа дека луѓето и дивите животни можат да делат иста средина, велат авторите на статијата објавена во списанието „Science“, во која свој придонес на оваа тема имаат истражувачи од 26 земји.

На почетокот на 20-тиот век, големите месојади, со ретки исклучоци, скоро беа истребени од поголемиот дел од Европа, но сега имаме зголемени и стабилни заедници на кафеавата мечка, волкот, евроазискиот рис и останатите крволочни животни. Тие не живеат во далечна дивина, туку во човековото опкружување.

Ова претставува голема разлика, споредено со стратегиите што се спроведуват во останатиот дел од светот, каде што дивите животни се заштитени во големи природни паркови или во диви области одвоени од луѓето. Ако Европа не го применеше овој модел, тешко дека некои од дивите животни ќе опстанеа, со оглед на тоа дека веќе не постојат доволно големи „диви“ области.

european-brown-bear-12-23-14-thumb-630x448-85714Еколошкото движење од 1970-тите и 1980-тите години, допринесоа да се воспостави европска легислатива што овозможи да се обноват заедниците на овие животни. Денес состојбата е значително подобра отколку пред 100 години.

76 истражувачи дадоа свој придонес за да се комплетираат податоците и да се оформи мапа за природните живеалишта на овие животни низ цела Европа.

  • Кафеавата мечка ја има во 22 земји. Таа е најраспространетото животно, со околу 17.000 единки од десет популациони групи. Овие популациони групи се релативно стабилни или се во благ пораст, иако постојат неколку групи со критично мал број.
  • Волците се вториот најзастапен вид, со околу 12.000 единки од десет популациони групи во 28 земји. Поголемиот дел од популациите се во пораст, додека две се чини дека се намалуваат. Една популација во Шпанија е на работ на истребување.
  • Рисот е присутен во 23 земји, со околу 9.000 единки. Повеќето од единаесетте популаци се стабилни, иако кај некои се забележува опаѓање.
  • Вулверинот живее само во Норвешка, Шведска и Финска во две популациони групи со 1.250 единки. Двете популации се во пораст.

Европа може да послужи како пример за останатиот дел од светот, велат истражувачите. Генерално, населението во Европа е позитивно настроено кон дивите животни, но конфликтите што низ историјата доведоа до нивно намалување се се’ уште присутни, како на пр. нападите врз добитокот.

grey-wolf_565_600x450.jpg-550x0Со најголем предизвик за зачувување на овие животни се соочуваат земјите каде што големите диви животни биле потполно истребени и каде што луѓето ја изгубиле способноста да се адаптираат за да го делат просторот со своите диви соседи.

Со примена на различни мерки, како на пр. електрични огради и кучиња чувари, може да се спречат штетите врз добитокот. Неопходен е и дијалог помеѓу засегнатите страни и соработка помеѓу различни сектори и различни држави. Од круцијална важност е конфликтните прашања да се разгледаат сериозно, за да се спречат можните негативни реакции поврзани со заштитата на дивите животни.

Поддржете ја нашата работа: