Малку поинаква реалност за бубамарите

Бубамарите се убави мали бубачки што децата ги обожуваат поради нивниот изглед и пријателско однесување, а градинарите затоа што ги уништуваат лисните вошки во нивните градини.

Но, реално работите се малку поинакви. Повеќето од нив се многу промискуитетни, сексуално преносливите болести се честа појава, а голем дел од нив покажуваат канибалистички тенденции. Значи бубамарите или „Coccinellidae“ (како што ги нарекуваат научниците) и не се баш такви како што изгледаат.

Како прво, многу од 5 000-те видови колку што постојат, воопшто не изгледаат онака како што вообичаено ги замислуваме. Само неколку видови имаат црни точки на црвена основа.

Секако, многу видови од бубамарите имаат прекрасни бои, а многу од нив имаат и точки. Шарата се наоѓа на нивните цврсти заштитнички надкрилца што се нарекуваат „елитра“.

Бројот на точките нема никаква врска со староста на бубамарата, како што вообичаено се мисли. Во умерените климатски предели, животниот век на бубамарите обично е една година.

Бубамарите се хранат со разновидна храна. Бубамарата со 24 точки се храни со растенија, некои –како портокаловата бубамара сакаат габи, додека други се хранат со разни инсекти. Најомилени меѓу градинарите се оние што се хранат со лисните вошки. Овие бубамари ги полагаат своите јајца во близина на колониите од лисните вошки, но тоа мора да го прават многу вешто. Лисните вошки се способни за партеногенеза – да создаваат колони по асексуален пат, што значи дека колониите од вошки можат да се развиваат и да се шират исклучително брзо. Затоа, за да биде сигурна дека ќе може да се „гости“ со лисните вошки, бубамарата мора своите ларви да ги положи кога колониите од вошки се во многу рана фаза. Бубамарата може тоа да го насети од густината на колонијата, од течноста што ја испуштаат вошките, како и од материите што ги испуштаат растенијата нападнати од вошките.

Исто така, бубамарата може да го почувствува присуството на ларви од друга бубамара. Постојат повеќе од 40 различни компоненти – главно алкални што ги испуштаат ларвите од бубамарите, па кога женката-бубамара ќе ги почувствува, обично оди на друго место да ги положи своите ларви. Ова е мерка на претпазливост, бидејќи ларвите од бубамарите се страсни канибали. Веќе положените ларви ќе ги проголтаат своите помлади „роднини“, што им овозможува поголеми шанси да доживеат полна старост. Затоа, ако женката-бубамара забележи дека колонијата од вошки веќе има ларви од бубамара, секако ќе ја избегне. Ако женката најде соодветна колонија од вошки, многу е веројатно дека нејзиното потомство ќе опстане.

Но и покрај тоа што се омилени кај градинарите, неколку истражувања покажале дека тие немаат голема контрола врз бројот на лисните вошки.

А еве и неколку не така убави факти за бубамарите. Како прво, тие се многу промискуитетни. Едно генетско истражување покажало, на пример дека, бубамарата со две точки (Adalia bipunctata) содржи јајца оплодени од три различни мажјаци, а понекогаш дури и од повеќе.

Второ, сексуално преносливите болести кај бубамарите се многу чести. Неколку видови, меѓу кои и бубамарата со 2 точки, многу често се нападнати од еден паразит наречен „Coccipolipus hippodamiae“. Овој паразит живее под надкрилцата (елитра) каде што се храни од крвта на бубамарата и тука се размножува. Кога бубамарите се парат, овие паразити преминуваат на партнерот. Овие сексуално преносливи паразити се многу опасни, особено за женките. Ларвите од заразените бубамари обично се многу помали и потешко преживуваат за разлика од незаразените.

Па кога следниот пат вашето дете ќе посегне по бубамара, можеби ќе треба да му раскажете за нивните канибалистичките тенденции и за непристојното сексуално однесување. Или можеби не!

Поддржете ја нашата работа: