Медицина како во „Ѕвездените патеки“.

Додека растев, јас не сакав да станам лекар. За разлика од најдобрите студенти по медицина, никогаш не сум имал желба или нагон да ги лекувам пациентите. Наместо тоа, сакав да дознаам како функционираат работите и да го применам тоа што сум го научил за да откријам нови нешта. И така, станав научник. Покрај животот, љубовта и музиката, оттогаш науката ми е главна движечка сила. Знам дека уживам во научниот процес и сите оние моменти на откривање на нешто ново, заедно со други истражувачи се разбира, и затоа знам дека мојата приказна најверојатно ќе ви звучи познато.

Но, постои уште нешто што секогаш ме влечеше мене, а верувам и многу други, кон науката. До пред неколку години, не можев да сфатам што е тоа „нешто“, а сега сметам дека тоа „нешто“ го дава најсилниот аргумент за поддршката на основните научни истражувања, а особено онаа наука со мотото „голем ризик – голема награда“ која се чини дека повеќе „не е во мода“.

Во повеќето случаи, уживањето кое академските научници го чувствуваат додека истражуваат е доволно големо за да се спротистави на негативните околности, како на пр. процесот на одобрување на финансиски средства. Во САД, ограничувањата на ресурсите и буџетот предизвикуваат дополнителен стрес на системот. На пример, средствата кои му стоеле на располагање на Националниот институт за здравје во САД во 2014 година за поддршка на истражувањата, биле само 75% од оние кои биле достапни во 2003 година. Како резултат на тоа, финансиерите, односно оние кои донирале средства за истражувањата, станале поконзервативни и ги поддржувале само оние проекти кои ги сметале за сигурни, што предизвикува научниците да се откажат од креативните проекти.

Истиот притисок го изобличил и биомедицинското финансирање на т.н. „транслаторно истражување“, односно она наметено за директно да го подобри здравјето на пациентот. Се разбира дека применувањето на основното знаење за да се подобри состојбата на луѓето е крајната цел на биомедицинската наука. Но, дали поврзаните приоритети се соодветно избалансирани? Мора ли истражувањето да се насочува кон поединецот во овој период на економска нестабилност? Кога би го примениле тоа што веќе го знаеме, би можеле веднаш да ја подобриме медицината, па дали основните истражувања би требало да добијат „помал дел од колачот“? Што е најважно, дали транслаторното истражување би им обезбедило на финансиерите поголема веројатност за успех проследена со долгорочно влијание?


Пред неколку години, откако дојдов на факултетска позиција во екот на еден од најлошите периоди на науката во САД, фатив една стара епизода од „Војна на ѕвездите“ на телевизија. Во една сцена, докторот третира еден пациент, кој е очигледно вознемирен. Докторот движи нешто како магично стапче по должината на телото на пациентот. Потоа гледа во еден екран и изјавува дека го изолирал вирусот и дека ќе создаде оптимални антитела за да се борат против инфекцијата. Абракадабра! Пациентот ќе оздрави.

Чиста научна фантастика. Но, мене, оваа сцена ми ја разјасни другата мотивација за да продолжам да се занимавам со наука: Сакам да придонесам колку што можам повеќе за еден ден и ние да постигнеме толку прецизна медицинска грижа. А само науката може да ја претвори научната фантастика во реалност.

Сметам дека навистина големите транформациски откритија – оние што предизвикуваат фундаментални промени во технологијата, поттекнуваат од онаа наука која се заснова на мотото „голем ризик – голема награда“. Последователната и внимателна примена на основните откритија, преку прифаќањето на технологијата управувана од пазарот, како и насоченото транслаторно финансирање, може да го подобри нашето општество. Економијата на САД, каде што науката и технологијата се едни од последните преостанати „движечки сили“, исто така би имала корист.

За таа цел, давањето на нови цели за истражување на истражувачите преку поттикнувањето на транслаторното истражување, односно финансирање е неефикасно. Се разбира, тешко е да се утврди „ефикасноста“, во голема мера поради тоа што и основните и транслаторните истражувачки проекти може да постигнат различен степен на успех. Но, основното истражување се разликува по тоа што големите и малите основни откритија се поврзуваат и надградуваат меѓусебно на причинско-последични, ако не и очигледни начини. Поради таа меѓусебна поврзаност, не е возможно да се финансираат само оние истражувања кои би постигнале успех, а да не се наштети на целото претпријатие. Намалувањето на финансиските средства за науката, преку намалување на буџетот наменет за истражувања или пак преку поттикнувањето на транслаторното истражување е лоша идеја.

Премногу често ги среќаваме научните достигнувања со ознака „по пет години“. По една деценија, разумниот одговор е: Каде е достигнувањето? Но, ако сме сигурни дека јавноста може да го предвиди резултатот во иднина, тогаш не треба да ги мешаме поединечните подобрувања на грижата за пациентите со научните достигнувања. Треба да имаме храброст да не го заменуваме второто со првото во однос на јавното застапување. Треба да објасниме зошто примената на знаењата е изградена на тековната акумулација на основните знаења. Треба да објасниме зошто треба да се задржат и зголемат инвестициите во основните истражувања. Во спротивно, никогаш нема да дојдеме до времето на медицина како во „Ѕвездените патеки“.

Поддржете ја нашата работа: