Микроби клучни за климатските промени


Малите микроби во почвата се меѓу најголемите потенцијални засилувачи на климатските промени предизвикани од човекот. Но дали се тие само обични робови на својата средина или пак влијаат на свој начин се’ уште не е доволно познато.

Едно истражување од страна на меѓународен тим на научници од САД , Шведска и Австралија, предводен од научниците од Универзитетот во Аризона, покажа дека еден вид на микроби, која неодамна беа откриени, играат неочекувано важна улога во климатските промени.

На почетокот на годинава, меѓународниот тим од истражувачи откри еден вид микроба (досега непозната на науката) во заледена површина во северниот дел од Шведска, која почнала да се топи како резултат на глобалното затоплување. Истражувачите се сомневаат дека оваа микроба има значајна улога во глобалното затоплување со тоа што ослободува големи количини на јаглерод (заробен во заледената површина на арктичкиот круг) во форма на метан, кој претставува моќен стакленички гас кој заробува топлина во атмосферата. Меѓутоа, точната улога на оваа микроба, првично наречена „Methanoflorens stordalenmirensis“, била непозната.

Ова истражување ги стеснува рамките на вистинската улога на новооткриената микроба, покажувајќи дека изобилството на „Methanoflorens“, во споредба со другите видови на микроби кои учествуваат во топењето на ледените површини , може да помогне да се предвиди нивното заедничко влијание врз идните климатски промени.

Ако ја земеме африканската савана како аналоген пример, и лавовите и слоновите произведуваат јаглерод диоксид, но се хранат различно, појаснуваат истражувачите. „Methanoflorens“ е микробниот еквивалент на слонот, организам кој има извонредно важна улога во она што се случува во целокупниот екосистем.

Оваа студија открива дека поради овие микробни активности сите водени површини не се исти кога се работи за ослободувањето на метан.

„Моделите претпоставуваат одреден сооднос помеѓу различните форми, или изотопи, на јаглеродот во молекулите на метанот, но реалниот измерен сооднос се разликува од истиот“, вели главниот автор Кармоди Меккејли, научник од истражувачкиот центар на Универзитетот во Њу Хампшир. „Ова е голем недостаток на сегашните климатски модели бидејќи тие го претпоставувале погрешниот сооднос на изотопите од водените површини. Моделите го прецениле јаглеродот ослободен од биолошките процеси , а го потцениле јаглеродот што се ослободува како последица на човечките активности, како на пр. согорувањето на фосилното гориво“.

Микробите од почвата можат да произведат метан на два различни начина: од ацетат (органска молекула што доаѓа од растенијата) или од јаглероден диоксид и водород.

„И двата процеса произведуваат енергија за микробите и микробите „издишуваат” метан како што ние издишуваме јаглерод диоксид“, вели Меккејли. „Меѓутоа, откривме дека во ледените површини што се топат, поголемиот дел од метанот првично не доаѓа од  ацетатот, како што претходно се мислеше, туку преку друг пат. Потоа, како што ледените површини се претворат во водени површини, тој сооднос се менува и ацетатот станува главен извор на јагерод“.

Едно од главните прашање со кое се соочуваат научниците е тоа колкаво количество на јаглерод се ослободува од почвата при микробните активности.

Со години се дебатира околу тоа дали микробната активност е важна за она што се случува во севкупниот екосистем, односно за ослободувањето на стакленичките гасови, или пак, микробите едноставно се робови на физиката и хемијата на системот. Овој труд покажа дека имаат значително влијание и затоа е потребно да се обрне поголемо внимание на микробите кои припаѓаат на екосистемите во подрачјата каде ледените површини се топат.

„Кога ќе се земат предвид активностите на микробите, ќе биде можно да се постави многу попрецизен модел за одредување колку метан доаѓа од површините што се топат, наспроти другите извори, како што е согорувањето на фосилното гориво“, додава Меккејли.

Поддржете ја нашата работа: