Два одделни тима физичари кои работеле на Големиот хадронски судирач (ГХС) во Швајцарија, откриле знаци на нова фундаментална честичка во природата. Од хипотезите околу тоа каква е оваа честичка – ако воопшто постои, најпопуларно е мислењето дека се работи за потешка верзија на Хигсовиот бозон – честичката што објаснува зошто другите честички имаат маса.
По повеќе од две години пауза, ГХС беше повторно активиран во јуни за да продолжи со судирањето на честички, но овој пат со рекордно ниво на енергија од околу 13 трилиони електронволти, што е речиси двојно повеќе од енергијата која беше потребна во 2012 година да се открие Хигсовиот бозон (електронволт е единица за енергија и изнесува приближно 1.602×10-19 џули).
Оттогаш детекторите ЦМС и АТЛАС на Големиот хадронски судирач снимиле скок во активноста на одредено енергетско ниво што одговара на окоу 750 гига електронволти (GeV) – или приближно 750 милијарди електронволти.
Овие необјасниви сигнали, откриени во остатоците од колизијата на протони, може да претставуваат знаци на нова честичка, која наликува на Хигсовиот бозон, само би била 12 пати потешка, со маса од 1 500 GeV.
Како што објаснува Дејвид Кастелаки во „Nature“, статистичкото значење на она што е откриено е сѐ уште мало, со оглед на тоа дека АТЛАС детектирал 40 пара фотони повеќе од бројот што се очекува според стандардниот модел на физиката на честичките, додека ЦМС, само 10. Кога ќе се земе во обѕир дека ова е врз база на податоците добиени од околу 400 трилиони протонски колизии, може да се каже дека овие честички се или супер ретки создадени во услови кои исклучително тешко се повторуваат, или не постојат.
Појасна слика за тоа што точно се случува, би требало да се добие за околу шест месеци кога се очекува тимовите да соберат околу 10 пати повеќе податоци од тие што сега ги имаат. Но, ако тие ни можат да го потврдат постоењето на овој „ѕвер од 750 милијарди електронволти“, останува ова да го објаснат светските теоретски физичари.