Научниците сугерираат дека ѕвезда ште наеднаш исчезнува од ноќното небо, без за тоа да постои научно објаснување, може да биде од помош при нашата потрага по вонземен живот.
Истражувачите од Шведска веќе идентификувале една таква „ѕвезда што исчезнува“. И покрај тоа што сѐ уште не се сигурни што го предизвикува исчезнувањето на ѕвездата од видното поле на телескопите, отсуството на било какво астрофизичко објаснување значи дека не може да се исклучи вонземна интервенција.
Појавата и исчезнувањето на ѕвездите е дел од природните движења во Универзумот (и на нашето Сонце му преостануваат уште неколку милијарди години живот – енаука.мк). Но преку проучувањето на податоците добиени од надгледувањето на вселенскиот простор, кои се направени со временска разлика од само неколку години, истражувачите сакаат да утврдат дали некои ѕвезди ненедејно исчезнуваат од небото на невообичаен начин.
Со други зборови, тие сакаат да видат дали некоја ѕвезда што се појавува во едни податоци, веќе ја нема неколку години подоцна.
Иако изгледа по малку нереално, ова не е прв пат астрономите да ја отворат можноста за вклученост на вонземјани кога не постои разумно објаснување за мистериозната активност на ѕвездите.
За да откријат дали постојат некои необјасниви разлики, истражувачите направиле споредба помеѓу две најголеми и најопфатни мапи на Универзумот – каталогот „USNO-B1.0“ и „Sloan Digital Sky Survey (SDSS)“, со кои вкупно се опфатени околу 290.000 небески тела, во период од 50 години.
Од податоците, откако се земени предвид можните технички грешки и природните движења на телата во Универзумот, истражувачите откриле една ѕвезда, потенцијален кандидат, која се чини дека исчезнала.
Водачот на истражувањето Беатриз Виљароел и нејзините колеги истакнуваат дека има уште доста да се направи пред да можат со сигурност да потврдат дека ѕвездата е исчезната и дека работат на добивање поголеми примероци и посензитивни телескопи за да потврдат што точно се случува.
Научниците веќе долго време размислуваат за можноста за постоење на напредна вонземна технологија, како што е Дајсоновата сфера – масивна структура која може да ги опкружи ѕвездите и да ја извлече енергијата од нив. Тоа е една од хипотезите за начинот на исчезнување на ѕвездата.
Друго, понаучно објаснување може да биде тоа што е познато дека центрите на светлите галаксии – кои се нарекуваат квазери, може да се угасат за период од неколку стотици денови, иако причините зошто тоа се случува не се сосема познати. Овие квазери се напојуваат од супермасивни црни дупки преку вшмукување на огромен волумен на гас и прашина и тие може да бидат причина за ненадејно исчезнување на некои светли точки во периодот од едно до друго официјално истражување на вселенскиот простор.
Сепак, ако таму постои напредна форма на живот, сосема е возможно тие да се во состојба да манипулираат со ѕвездите и галаксиите со цел да ја соберат нивната енергија. Вакво нешто веќе има предложено рускиот астрофизичар Николај Кардашев, така што потрагата по ѕвезди што исчезуваат за да се провери оваа хипотеза добива смисла.
Веројатно во понатамошната потрага по вонземен живот треба да бидеме подготвени за повеќе лажни сигнали, пред да биде воспоставен било каков контакт со вонземјаните –ако воопшто стасаме дотаму (енаука.мк)
Истражувањето сѐ уште нема поминато научна рецензија, но е објавено на страната на „arXiv.org“, за да им се овозможи на авторите да добијат мислења од другите истражувачи пред да биде официјално објавено.