Емоциите се моќна сила и неодделив дел од животот кои може да имаат значителен ефект врз здравјето – особено ако се работи за негативни емоции. Овие пет најчести негативни емоции можат да имаат огромно влијание врз вашата благосостојба, ако не успеете ефикасно да се справите со нив
11 Гнев
Досегашните истражувања покажале дека гневот може да ја влоши состојбата на кардиоваскуларниот систем и да го зголеми ризикот од срцев удар. Ова не зачудува, со оглед на тоа дека наглите изливи на бес предизвикуваат лачење на големи количини на одредени супстанции, како што се адреналин и нодреналин во организмот. Дел од мозокот наречен амигдала прекумерно реагира, се зголемува количеството на крв во фронталниот лобус – делот кој е одговорен за правилното расудување, што е причината поради која често пати при овие изливи на гнев фрламе предмети околу себе.
Но, покрај лошото расудување, гневот претставува и опасност за кардиоваскуларниот систем. Во телото се случуваат бројни физиолошки промени и ќе бидат потребни дополнителни истражуања за да се утврди точно како гневот има толку силно влијание врз организмот. Она што научниците го утврдиле е дека во текот на два часа после големи изливи на гнев, ризикот од срцев удар се зголемува за пет пати, а ризикот од мозочен удар за три пати.
22 Осаменост
Осаменоста може да биде исто така опасна како и изливите на гнев. Има тенденција да биде долгорчна состојба, како и депресијата и според истражувањето спроведено од д-р.Џон Касиопо, психолог од Универзитетот во Чикаго, може да претставува ризик фактор за прерана смрт. Според ова истражување, чувството на осаменост го зголемува ризикот од прерана смрт за 14 проценти.
Од голема важност е да се одржуваат социјалните релации со семејството и пријателите, па дури од време на време да се направи по малку муабет и со нови лица. Осаменоста кај постарите лица има тенденција да предизвикува поголемо ниво на стрес и намалување на способноста да се адаптираат на тешки ситуации, ако немаат никого на кого можат да се потпрат. Осаменоста може да го подигне нивото на хормоните на стрес, како кортизолот, да влијае на квалитетот на сонот и да доведе до покачен крвен притисок. Изолацијата и осаменоста исто така можат да го ослабат имуниот систем.
33 Стрес и анксиозност
Општо е познато дека стресот има огромно негативно влијание врз телото. Според Американската психијатриска асоцијација, стресот претставува комплицирана состојба која е тесно поврзана со бројни здравствени проблеми.
Стресот скоро секогаш се манифестира со физички симптоми: мигрени, вртоглавици, гадење, замор, палпитации, несоница, исцрпеност и зголемен или намален апетит. Постојаниот стрес се поврзува и со прерано стареење, покачен крвен притисок, болки во градите и ослабен имун систем. Луѓето што се под стрес водат помалку грижа за себе, не спијат и не се хранат правилно, а со тоа се зголемува веројатноста да се разболат.
Регулирањето на стресот преку вежбање, здрава исхрана и издвојување повеќе време за релаксација, претставуваат најдобра долгорочна инвестиција.
44 Шок
Шокот или траумата може да предизвика и краткорочни и долгорочни последици, и на физичкото и на психичкото здравје. Шокот обично е предизвикан од некоја непредвидена ситуација, која го „исфрла од рамнотежа“ лицето што не е подготвено, онеспособувајќи го да се справи со тоа и соодветно да реагира. Психолошките трауми се случуваат во мозокот и практично можат да извршат промени во одделни структури во мозокот. Физичките симптоми кои се јавуваат како последица на шокот или пост-трауматските стресни нарушувања опфаќаат пореметувања во спиењето и исхраната, сексуални дисфункции, недостаток на енергија и хронични болки.
55 Тага
Тагата, не залудно се нарекува и „скршено срце“. Кога ќе доживеете длабока тага, тоа зема данок и на вашето здравје. Едно истражување од Универзитетот Сент Џорџ во Лондон, покажува дека практично е можно да се умре од „скршено срце“. Тагата после загуба на најблиските речиси двојно го зголемува ризикот од срцев или мозочен удар, откриваат истражувачите.