Нов предок на човекот пронајден во Етиопија

Новите фосилни остатоци се стари 3,3 – 3,5 милиони години и вклучуваат горни и долни вилици, како и заби, кои научниците ги сместуваат во новиот вид „Australopithecus deyiremeda“ (што на јазикот кој го зборуваат луѓето во Афар значи „близок роднина“).


Се смета дека остатоците им припаѓаат на 4 индивидуи кои имале карактеристики и на човек и на мајмун. Староста на фосилите укажува на тоа дека припаѓале на еден од четирите видови на рани луѓе што живееле во ист период. Најпознат меѓу нив е „Australopithecus afarensis“ – познат како Луси, кој живеел пред 2,9 – 3,8 милиони години и првично се сметал за наш директен предок. Но, подоцнежното откривање на „Kenyanthropus platyops“ во Кенија во 2001 година и на „Australopithecus bahrelghazali“ во Чад, како и сегашниот вид „Australopithecus deyiremedaI“ укажуваат дека во тој период коегзистирале неколку видови на антички луѓе.

Експертите објаснуваат дека овој нов вид е различен од „Australopithecus afarensis“ во предниот дел од лицето, како и во вилицата и забите што укажува на тоа дека најверојатно имал поразновидна и побогата исхрана.


Ова значи дека постоеле многу видови кои би можеле да доведат до подоцнежите луѓе, вклучувајќи го и нашиот род – „Homo“, истакнуваат научниците. Доколку научниците успеат да пронајдат дополнителни фосилни остатоци, би можеле подобро да испитаат како различните видови живееле заедно – дали се избегнувале или имале некаков вид на комуникација, и како ја делеле храната и другите ресурси од нивното заедничко живеалиште.

Истражувањето е објавено во научното списание „Nature“.


Дискусија

Коментари