Еден физички објект, како на пример еден човек или вселенско летало, теоретски би можеле да поминат низ сферичната црвоточина во центарот на црната дупка, па можеби дури и да преминат во друг универзум на другата страна на црната дупка, сугерираат физичарите.
Според теоријата за општа релативност на Ајнштајн, во центарот на црната дупка постои сингуларност – точка каде што силите на гравитација се најинтензивни, а времето и просторот завршуваат. Ако некој објект се приближи до т.н. хоризонт на црната дупка, ќе биде растргант од гравитационите сили, а доколку преживее доволно долго за да дојде до центарот на црната дупка ќе биде непрепознатлив, односно бескрајно долг и тенок.
Физичарите со години си поигруваат со претпоставката за сингуларност во центарот на црната дупка, бидејќи додека не се докаже дека навистина постои, во теорија има многубројни можности кои би можеле да функционираат.
Сега, научниците од Универзитетот во Лисабон, Португалија, велат дека ако се отстрани сингуларноста од црната дупка, во центарот ќе остане црвоточина со фиксен радиус. Тие направиле модели за тоа што би можело да се случи со различни објекти, како столче, човек или вселенско летало, ако влезат во центарот на црната дупка.
Додека теоријата на релативноста предвидува дека објектот кој се приближува до црната дупка ќе биде уништен и растргнат, ако претпоставиме дека центарот на црната дупка е црвоточина со фиксен радиус, објектот ќе биде растргнат само во рамките на црвоточината. Тоа значи дека објектот би можел да го преживее патувањето и да излезе од другата страна (потенцијално во друг универзум), технички непроменет, но растргнат до големината на црвоточината. Барем не е целосно уништен, нели?!
Сепак, се’ додека не откриеме како всушност да видиме една црна дупка, сето ова останува хипотетичко. Но, барем почнуваме да размислуваме за тоа дека црните дупки можеби не се толку ужасни смртни стапици какви што мислевме дека се.
Како што изјави Стивен Хокинг на прес-конференцијата во август 2015 година за неговото решение на информацискиот парадокс: „Пораката на ова предавање е дека црните дупки не се толку црни како што се насликани. Тие не се вечни затвори како што некогаш се мислело… Ако чувствувате дека се наоѓате во црна дупка, не се откажувајте. Има излез“.
Истражувањето е објавено во „Classical and Quantum Gravity“.