Откриени остатоци од гигантско морско чудовиште

Еден фармер од Австралија неодамна откри нешто изненадувачко – гигантска фосилизирана вилица на морско чудовиште старо 100 милиони години.

Се работи за вид на Кроносаурус – изумрен морски месојаден рептил познат како „Kronosaurus queenslandicus“.

Роберт Хакон си работел на својата фарма кога ги забележал коските и најпрво мислел дека се фосилизирани школки. Кога сфатил дека се работи за нешто друго го контактирал музејот „Kronosaurus Korner“ во Квинсленд.

„Интересно е тоа што суштеството било се’ уште малечко кога умрело“, вели д-р Тимоти Холанд, кустос во музејот. „Тоа се’ уште требало да расте. Покрај тоа, на секоја страна на мандибулата (долната вилица) има големи засеци каде што биле сместени огромните заби“.

Кроносаурусот доминирал во водите на Австралија за време на геолошкиот период Креда. Припаѓал на група праисториски морски влекачи со краток врат наречени пилосауруси. Овие суштества биле толку огромни што черепот (кој личи на оној на крокодилите) достигнувал големина над 2 метри, што е поголемо дури и од черепот на Т.Рекс. Забите биле големи колку банани, а вилиците два пати помоќни од оние на големите крокодили. Најверојатно се хранеле со желки, џиновски сипи, па дури и ајкули.

„Ова е најкомплетната мандибула на Кроносаурус досега“, вели Холанд. Изнесува нешто повеќе од 1,5 метри во должина. Фосилизираниот пронајдок е изложен во музејот.

Поддржете ја нашата работа: