Пет фасцинантни медицински иновации во 2016 година

Scientist at work in laboratory

Секоја година, напредокот во медицината овозможува да се излекуваат повеќе болести и да се спасат повеќе човечки животи од пртходната година. И оваа година не е исклучок: во изминативе 12 месеци бевме сведоци на медицински иновации кои ја радикално ја променија науката и здравствената заштита. Ви претставуваме пет најфасцинантни медицински иновации во 2016.

Контрацепција за мажите

Во најголем дел, долгорочната контрацепција беше одговорност на жената во една врска, но 2016 година ја приближи идејата за машка хормонална контрацепција поблиску до реалноста.

Во март, истражувачите од Универзитетот во Минесота ги презентираа нивните најнови наоди за модификација на хемиската структура од претходната форма на хормоналната таблета за мажи, во обид да ја направат поефикасна. Но, оваа есен, во едно истражување  објавено во „Journal of Endocrinology & Metabolism“, беа прикажани деталите од првото тестирање на машка контрацептивна инјекција. Иако кај повеќето мажи што учествувале во истражувањето се јавиле несакани ефекти, по што тестирањето било прекинато, инјекцијата се покажала 96 проценти ефикасна и забремениле само четири партнерки од 320-те мажи вклучени во тестирањето.

Намалување на ракот на дојката

Оваа година научниците открија дека комбинација од два различни лека за рак на дојка – Трастузумаб (Херцептин) и Лапатиниб, може драматично да ја намали големината на туморот кај пациентки позитивни на „HER2“, за само 11 дена. Како што известуваше  „ВВС“, што е уште позначајно, кај 11 проценти од пациентките туморот комплетно се повлекол. Ваков резултат бил постигнат дури и кај жените кои имале стадиум 2 рак на дојка, кој бил проширен и во лимфните јазли.

Иако овие резултати се возбудливи, ќе бидат потребни дополнителни истражувања пред  третманот да биде достапен за пациентите. Покрај тоа,  долгороните ефекти се сѐ уште нејасни.

Нема повеќе вадење нерви на забите

Вадењето нерви на забите без двоумење е една од најзастрашувачките орални процедури. Но, претходно годинава истражувачите од Универзитетот во Нотингем и Универзитетот Харвард создадоа забна пломба која му овозможува на забот сам да се реставрира, со што се превенира неговото понатамошно оштетување (повеќе на енаука.мк).

Пломбата се става директно во кариозниот заб, каде што ги стимулира клетките да создаваат дентин – супстанцијата што го сочинува најголемиот дел од забот. Со ова, со време се превенира вадењето на нервите на забот, бидејќи овозможува забот да не стигне до таа фаза.

doctor

Отпорност на ХИВ

Во април, борбата против ХИВ доби интересен пресврт кога истражувачите од Националниот институт за алергологија и заразни болести на САД открија дека  инјектирањето на моќните ХИВ антитела овозможува заштита кај мајмуните од инфекции слични на ХИВ и до шест месеци. Антителата биле создадени од имунолошкиот систем на самите мајмуни и биле избрани поради нивната специфична ефикасност против слични верзии на вирусот.

Во последниве години истражувачите изолираа бројни антитела кои ги продуцираат некои лица со ХИВ против вирусот. Истражувачите се надеваат дека овие наоди ќе помогнат во евентуално создавање на вакцина за ХИВ за луѓето.   

Повторно создавање на женски јајце клетки

Се знае дека женските деца се раѓаат со сите јајни клетки и не создаваат нови, но едно неодамнешно истражување сериозно го оспори овој медицински „факт“. Оваа есен истражувачите во Лондон дојдоа до заклучок дека еден лек за рак веројатно предизвикува жените-пациентки повторно да создаваат јајни клетки – нешто што порано се сметаше за невозможно.

Иако е сѐ уште многу рано овие наоди да се применат на клиниките за плодност, ова секако го подига прашањето што знаеме за женската репродукција и сугерира дека неплодноста можеби не е толку непроменлива како што се мислеше порано.

Поддржете ја нашата работа: