Сите ние слушнавме за Планетата Девет уште во јануари, кога астрономот Мајк Браун објави дека заедно со своите колеги од Калифорнискиот институт за технологија откриле докази за огромна планета на работ на нашиот Сончев систем, на оддалеченост од 149 милијарди километри од Сонцето, или 75 пати подалеку од Плутон.
Меѓутоа, сè за оваа планета изгледа чудно, почнувајќи од фактот дека нешто 10 пати помасивно и 4 пати поголемо од Земјата демне на надворешните рабови на нашиот Сончев систем, а ние дури сега го забележуваме. Покрај тоа, тука е и супер издолжената орбита за која се потребни неверојатни 10 до 20 илјади години за да се исполни.
Добрата вест е дека научниците почнуваат да го стеснуваат нејзиниот сомнителен карактер и според новото истражување сметаат дека Планетата Девет е всушност егзопланета којашто нашето Сонце ја украло од соседен планетарен систем.
Научниците сметаат дека Планетата Девет всушност се формирала околу друга ѕвезда, а потоа била украдена од нашиот Сончев систем за време на блиска средба која се случила пред околу 4,5 милијарда години. Тие спровеле компјутерски симулации и откриле дека шансите за една планета со голема орбита да биде украдена од нашето Сонце изнесуваат 50%.
Но, ова се само шпекулации и се’ уште ништо не е потврдено, па се’ дотогаш ќе останеме скептични во врска со оваа планета. Во секој случај, доколку се покаже дека навистина се работи за егзопланета, тогаш тоа ќе биде првата егзопланета која реално би можеле да ја достигнеме со помош на вселенска сонда.
Истражувањето е објавено во „Monthly Notices of the Royal Astronomical Society: Letters“, а нешто повеќе може да дознаете во следново видео: