Помалку седење – подолг живот

Времето што луѓето дневно го поминуваат седејќи е директно поврзано со зголемен ризик од срцеви заболувања, дијабетес, рак и прерана смрт – независно од тоа дали редовно вежбаат. Ова се наодите од едно истражување објавено во „Annals of Internal Medicine“.

Мета анализата на истражувањата кои се однесувале на навиките на луѓето, направена од истражувачите од Универзитетот во Торонто, покажала дека и покрај тоа што физичката активност позитивно влијае на подобрување на здравјето, сепак само вежбањето не е доволно за да се намалат ризиците од болестите.

Луѓето поминуваат просечно половина од времето во денот во седење – седат гледајќи телевизија или работејќи на компјутер. За да се намалат ризиците од болестите и да се продолжи животниот век, покрај редовното вежбање потребно е да се редуцира и времето поминато во седење.

Целта е да не се седи подолго од два до три часа во периодот од 12-часа. За да се постигне тоа, истражувачите предлагаат да се вметнат физички активности во секојдневната рутина. На пример, кога сте на работа, станете или движете се една до три мунути на секои половина час, а додека гледате телевизија, станете или вежбајте додека траат рекламите.

Здрвствените ризици од предолгото седење се помалку изразени ако се зголеми физичката активност. Затоа, за добро здравје и подолг живот – седете помалку  и движете се повеќе.

Поддржете ја нашата работа: