Иако потеклото, застапеноста и историјата на водата на Марс се се’ уште контроверзни, ова откритие може да одговори на прашањето „каде би можела да отиде исчезнатата марсовска вода“. Научниците продолжуваат да ја проучуваат историјата на планетата со цел да го разберат очигледниот пресврт од влажна и топла клима во денешната сува и ладна клима на површината на Марс. Постоењето на резервоарите, исто така, може да биде клучно и за потенцијалниот живот на Марс. Овие откритија се објавени во весникот „Earth and Planetary Science Letters“.
„Досега немаше никакви директни докази за овој резервоар на површината, или за каква било интеракција со камењата од површината на Марс што слетале на Земјата“, вели Томохиро Усуи од Институтот за технологија во Јапонија и главен автор на студијата.
Научниците проучувале три метеорити од Марс и откриле вода составена од атоми на водород кои имаат различен сооднос на изотопите од онаа вода пронајдена во земјата и сегашната атмосфера на Марс. Изотопи се атоми од истиот елемент, но со различен број на неутрони.
Досегашните мисии на Марс го потврдиле присуството на мраз под површината и се верува дека топењето на тој мраз предизвикало некои геоморфолошки карактеристики на Марс. Ова истражување користи метеорити од различен период за да покаже дека значително количество на мраз или вода постоело под површината на Марс и останало релативно непроменето со текот на времето.
Во ова истражување, научниците ја споредувале водата, други концентрации на испарливи елементи и соединенија составени од изотопи на водород во метеоритот, кои може да се формирале како што камењата еруптирале од некоја античка вулканска активност на Марс или пак, доколку планетата се судрила со нешто, па така тие излетале од површината.
Научниците испитувале две можности: дека ново откриените докази за резервоар на водород сугерираат дека постои мраз во близина на површината или дека постои хидриран камен на врвот на обвивката на Марс. И двата случаи се возможни, но фактот дека мерењата на повисоките концентрации на вода не се совпаѓаат со мерењата на некои од другите испарливи елементи, особено хлорот, укажува на тоа дека резервоарот на водород постоел како мраз.
Со оглед на тоа што немаме други примероци од Марс, оваа студија ја нагласува важноста за пронаоѓање на повеќе метеорити од Марс, како и понатамошното истражување на оние што веќе ги имаме, со помош на се подобрите аналитички техники кои ни стојат на располагање. Со помош на овие информации, како и податоците од роботските летала и ровери на Црвената Планета, се отвора можноста за човечки мисии на Марс во 2030-тите години.