Скриените придобивки од учењето на странски јазик

Придобивките од учењето на странски јазик не се ограничени само на збогатување на знаењето и познавањето на одреден јазик. Според едно ново истражување, има и скриени когнитивни придобивки кои може да го заштитат мозокот во случај на сериозни здравствени проблеми, како на пример мозочен удар или деменција.

Според истражувачите од Велика Британија и Индија , менталните предизвици кои се вклучени во зборувањето на повеќе од еден јазик може да ги потикнат когнитивните резерви што доведува до подобрување на способноста за справување со штетата на мозокот предизвикана од удар.

Кога луѓето зборуваат два јазика, постојано се префрлаат од едниот на другиот, при што едниот го инхибираат, а другиот го активираат за да комуницираат. Ова постојано префрлање практично овозможува постојано тренирање на мозокот и токму тоа може да е причината зошто тие лица подобро и побрзо се опоравуваат по мозочен удар, вели Томас Бак, истражувач од Универзитетот во Единбург.

Истражувачите собрале податоци од 608 пациенти од Хајдерабад, Индија, кои преживеале мозочен удар и откриле дека оние кои зборувале два јазика (или повеќе) имале два пати поголеми шанси за враќање на нормалните когнитивни функции по мозочниот удар, дури и откако во обѕир биле земени и други фактори како пушењето, високиот крвен притисок, дијабетесот и возраста. Покрај тоа, тие исто така имале подобро внимание и способност да ги организираат информациите.

Сепак, истражувачите нагласуваат дека овие импресивни резултати може делумно да се поврзани со јазичните карактеристики на подрачјето каде што истражувањето е спроведено. Хајдерабад е мултикултурен град каде се зборуваат неколку различни јазици, вклучувајќи телугу, урду, хинди и англиски, па истражувачите сметаат дека резултатите не може да се повторат во еднаква мерка на друго место.

Како и да е, тоа не значи дека треба да живеете на место каде што се зборуваат повеќе јазици за да ги зголемите вашите когнитивни способности и шансите за опоравување од удар. Истражувачите велат дека едноставно треба да го активирате вашиот мозок, односно што е можно порано да започнете со интелектуално стимулирачки активности кои ќе ве заштитат од оштетувања подоцна во животот.

Истражувањето е објавено во „Stroke“.

Поддржете ја нашата работа: