Истражувачите од САД успеале, во лабораториски услови, да убијат клетки од рак на белите дробови резистентни на терапија со 50 пати помалку од истиот хемотераписки лек што сега се користи за таа терапија.
Лекот веќе се користи и е докажано дека делува кај луѓето, но истражувачите успеале да го направат многу поефикасен, откривајќи нов начин како да го пренесуваат во организмот.
Ова има голема важност, бидејќи хемотерапијата, по својата природа е неефикасна. Во суштина тоа значи дека токсичните лекови се внесуваат во голем дел од телото, со надеж дека ќе ги уништат сите канцерски клетки, што често пати делува, но исто така убиваат и голем дел од здравото ткиво што резултира со голем број несакани ефекти.
Со години, научниците се обидуваат да најдат начин како овие лекови подобро да ги таргетираат канцерските клетки, а да не им наштетат на здравите. Кај повеќето од лековите ова е постигнато со користење на наночестички на база на пластика кои го пренесуваат лекот. Тоа теоретски е добра идеја, но телото обично ги препознава овие наночестички како туѓи тела и ги напаѓа, со што лекот не успева да пристигне таму каде што е потребно.
Наместо ова, научниците од Северна Каролина пронашле природна алтернатива за пренос на лекот. Тие го пренесувале преку т.н ексозоми, ситни топчиња земени од белите крвни зрца од самиот пациент.
Научниците го тестирале овој систем на хемотерапискиот лек „Паклитаксел“, кој се користи како ефикасен лек за третирање на ракот на градите, белите дробови и панкреасот, но предизвикува сериозни несакани ефекти – опаѓање на косата, мускулни грчеви и проливи.
Истражувачите го ставиле лекот во ексозоми земени од глувци и ги поставиле во лабораториски сад со многубројни канцерски клетки отпорни на лекот и откриле дека е потребно 50 пати помало количество од лекот за да ги уништат клетките од ракот, во споредба со тоа што се постигнува со комерцијално достапните верзии на Паклитаксел. Тие исто така тестирале и обоени ексозоми кои ги внеле во глувци со рак на белите дробови што покажало дека ексозомите се способни темелно да ги бараат и да ги обележат канцерските клетки, што укажува дека тие имаат потенцијал да се користат и како алатки за прецизно дијагностицирање.
Следниот чекор е да се види дали ексозомите ефикасно ќе можат да пренесуваат лекови и кај модели од глувци, а понатаму, ако се оди како што треба и кај луѓе. Сепак постои едно големо -ако , бидејќи, за жал многу тестирања кои се покажале успешни во лабораторија, па дури и кај модели од глувци, не се покажале толку успешни кај луѓето. Но, резултатите од првичните тестирања се многу возбудливи и укажуваат дека во иднина ексозомите би можеле да играат важна улога како средство за дијагноза, но и за терапија на ракот.
Резултатите од истражувањето се објавени во „Nanomedicine: Nanotechnology, Biology and Medicine“.